Слаба година за германските вина: Родот најнизок во последните 15 години

Германските винари годинава се соочија со најслабата берба во последната деценија и половина.

Според конечната проценка на Германскиот институт за вино (DWI), приносот во 2025 година ќе изнесува околу 7,3 милиони хектолитри винска шира – помалку дури и од првичните очекувања.

Ова е најнизок род од 2010 година, кога беа произведени 7,1 милион хектолитри. За споредба, минатогодишниот принос беше за 7% поголем, а резултатот од оваа година е 16% под десетгодишниот просек, кој изнесува 8,7 милиони хектолитри.

Портпаролот на DWI, Ернст Бишер, изјави дека падот на производството се должи пред сè на слабата берба во четирите најголеми вински региони – Рајнска Хесен, Фалачка, Баден и Виртемберг.

„Малите бобинки, подпросечните количини на шира и пред сè интензивната селекција на грозјето поради обилните дождови во средината на септември доведоа до пад на приносот од околу 23% само во Рајнска Хесен – што значи речиси 600.000 хектолитри помалку од просекот на последната деценија,“ изјави Бишер во Боденхајм, во покраината Рајнска Фалц.

Иако Сојузниот завод за статистика претходно прогнозираше 8,2 милиони хектолитри, новите податоци потврдуваат дека дождовитата сезона и строгата контрола на квалитетот сериозно го намалија вкупниот род.

Според експертите, иако количеството е разочарувачко, вината од оваа берба би можеле да имаат висок квалитет, токму поради внимателната селекција и ограничените количини на најдоброто грозје.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни