„Скопје е погодено од катастрофален земјотрес.“ — со овие зборови, дежурниот телефонист во пошта Скопје, Ѓорѓи Атанасовски кој успеал да воспостави телефонска врска со Белград веднаш по разорниот удар ја пренесе клучната информација до Радио Белград. Светот преку ТАСС, BBC, и други светски агенции дозна за трагедијата што го разурна главниот град на Македонија на 26 јули 1963 година.
Оваа кратка, но драматична порака беше првото официјално соопштение за земјотресот од 6.1 степени што траеше само 20 секунди и остави зад себе пустош што ќе го дефинира идентитетот на градот со децении.

Атанасовски останал на своето работно место и покрај опасноста и оштетувањата на зградата на Пошта Скопје, што му овозможило да одигра клучна улога во раната комуникација и мобилизација на помошта.
Во Македонија, Сеизмолошката станица во Скопје била прва институција што го регистрирала земјотресот, но поради силниот удар, сите три сеизмографи биле привремено надвор од функција. Според извештаите, д-р Драган Хаџиевски, раководител на станицата, успеал да активира еден од уредите 38 минути по земјотресот.

Скопје пред и по земјотресот
До утрото на 26 јули, Скопје броело 198.153 жители, со дополнителни 12.000–20.000 привремено присутни лица. Градот бил трет по големина во поранешна Југославија, со 39.516 станови и 1.792.055 м² станбена површина, од кои 45% биле во општествена, а 55% во приватна сопственост. Скопје бил економски и административен центар на СР Македонија, со 25% од индустриската моќ на републиката и 54% од вкупниот приход.
Утрото на 26 јули загинаа над 1.070 лица, меѓу кои 478 мажи, 430 жени и 162 деца, а повредени беа над 2.900, од кои 1.110 тешко; околу 800 останале со трајни инвалидитети. Без дом останаа 200.000 луѓе, или 76% од населението. Речиси 15.800 станови беа целосно уништени, а 28.000 оштетени. Уништена е околу 80% од вкупната градска структура.
Земјотресот ги уништи: Националната банка, Офицерскиот дом, Народниот театар, Кале, Куршумли ан, Сули ан, Чифте амам. Симболот на трагедијата остана Старата железничка станица, чии часовници застанаа точно во 5:17 — денес дел од Музејот на град Скопје.

По пристигнувањето во Скопје Јосип Броз Тито ја дава легендарната изјава:
„Скопје е погодено од невидена катастрофа, но ќе го изградиме повторно. Со помош на целата заедница, ќе стане наш гордост и симбол на братство и единство.“
Во првите часови, војската и граѓаните од цела Југославија започнаа спасувачки акции. До крајот на денот, 122 потреси беа регистрирани, а до крајот на 1964 — вкупно 582.
Првиот странски новинар што пристигнал во Скопје по земјотресот бил Дејвид Биндер од The New York Times. Тој го опишал градот од воздух како „да бил погоден од масовно бомбардирање“. Неговите извештаи биле меѓу првите што ја пренеле катастрофата на меѓународната јавност.

Обнова и меѓународна солидарност
Во следните денови, 35 земји побараа од ОН да го стават Скопје на агендата за помош. Вкупно 78 држави испратија финансиска, медицинска и инженерска поддршка. САД испратија шатори, префабрикувани куќи и медицински тимови. Тогашен СССР испрати спасувачки екипи, а Хрушчов лично го посети градот….Скопје стана „Град на светската солидарност“, а многу улици и објекти беа именувани по земјите донатори: Мексичка улица, Букурешт, Руски згради, Шведски бараки.
Интернационалната помош, организирана од Обединетите Нации, продолжува во периодот по катастрофата, во форма на парични средства, градежни зафати и интернационални експерти. Низа сеизмолози, хидролози, урбанисти и архитекти од целиот свет, се здружуваат со заедничка цел за постземјотресната обнова на Скопје. Од овие професионалци ОН ја формира и групата задолжена за изработка на новиот урбанистички план на Скопје.

Година дена по катастрофалниот земјотрес, во Скопје пристигнува интернационалниот тим од урбанисти и архитекти, нивна цел е соработка со локалните органи и изготвување на план за обнова на градот.
За проект-менаџер е избран полскиот експерт Адолф Циборовски, поради неговото предходно искуство со реконструкција на Варшава по Втората светска војна. Дополнително се назначени и планските изведувачи, компанијата на Доксијадис (Doxiadis Associates) од Грција која е задолжена за првата фаза и изготвувањето на нацрт планот, и официјалната полска агенција – Полсервис (Polservice) која е задолжена за креирање на програмски зони и експертиза околу самата изведба. Дел од тимот се и домашните експерти предводени од Коле Јордановски од Генералниот дирекоторат за реконструкција и развој на Скопје, и Љубе Пота од скопскиот Завод за урбанизам и архитектура.

Интернационалната помош резултира и во силни влијанија од тековните случувања во архитектурата, кои го адресираат прашањето на модерниот град во 20-от век. Овие светски дискусии завземаат одредени форми посебно во рамки на јавната архитектура во обновениот град.
Во наредната деценија, домашни и странски архитекти, инспирани од модернистичките форми и можностите на армираниот бетон, креираат низа скулпурални проекти. Скопје стана глобален симбол на солидарност и урбанистичка трансформација. Во периодот од 1963 до крајот на 1970-тите, беа реализирани низа капитални инфраструктурни, градежни и културни проекти, кои го дефинираа модерниот идентитет на Скопје.
Некои од најзначајните и капитални објети се Поштата и Телекомуникацискиот центар, дело на архитектот Јанко Константинов која започна да се гради во 1972 а заврши во 1981 во стилот на брутализмот со органски облик (ротунда‑“цвет”) за пошта, кубна структура за телекомуникации, икона на постземјотресната обнова, но и одраз на хармонија на технологија и скулпторски бетон.

Секако меѓу најзначајните се Транспортниот центар – Железничка станица и Автобуска станица, на Кензо Танге, официјално отворена 27 јули 1981, потоа Универзитетски кампус „Св. Кирил и Методиј“ , дело на архитект Марко Мушиќ изграден помеѓу 1970–1974. Студентски дом „Гоце Делчев“ дело на Георги Константиновски граден во две фази и тоа од 1969–1971 и 1973–1977. Зградата на Владата дело на Петар Муличкоски, дизајнирана 1966, а изградена од 1968–1970, како композиција од шест кубни тела поврзани со стаклени фасади и структури од армиран бетон.
Еден од позначајните објети е Музејот на современа уметност чија изградба започна на 5 април 1969 година и е завршена до 13 ноември 1970 година, кога свечено е пуштена во употреба. Градбата претставува донација од страна на Владата на Полска. МСУ е дело на Jerzy Mokrzyński, Eugeniusz Wierzbicki и Wacław и е симбол на меѓународната солидарност и обнова на Скопје и во него се сместени дела на меѓународните организации, музеи и поединци меѓе кои Алберто Бури, Александар Колдер, Андре Масон, Антони Клаве, Виктор Вазарели, Золтан Кемењ, Пабло Пикасо, Пјер Сулаж, Роберт Адамс, Роберт Јакобсен и многу други.

Меѓу позначајните градби се и Универзалната сала изградена 1965, Државниот хидро‑метеоролошки институт (УХМР) дело на архитектот Крсто Тодоровски изграден 1972–1975 во стилот на брутализам, Градскиот трговски центар на архитектот Живко Поповски изграден од 1981 до 1983, Македонската опера и балет (МНТ / МОБ) на архитектите Стефан Кацин, Богдан Спиндер, Марјан Уршиќ од ,,Биро 77″ во стилот на нео-експресионизмот.
Пост земјотресно Скопје за прв пат станува и град на широко проектирани модерни булевари, мостови и улици како крвоток кој го поврзува градот. Булеварите „Партизански одреди“, „Јане Сандански“, „Кузман Јосифовски‑Питу“ се проектирани од тимот на Kензо Танге и локални архитекти во рамки на Генералниот урбанистички план основно развиени помеѓу средината и крајот на 1960‑тите и 1970‑тите, со модерен ритам – широки патишта, зелени појаси, пешачки инфраструктури. Булеварите го дефинираа новиот сообраќаен и урбан ритам на Скопје, а тука е и Мостот „Гоце Делчев“, значаен дел од транспортната и сообраќајна инфраструктура.

Од град со мали трошни населби и маала без инфрастуктура и санитарни јазли, Скопје станува град на плански населби. Населбата Аеродром, направена од локални тимови раководени под надзор на планот на Tанге се гради од крајот на 1960‑тите до средината на 1970‑тите.
Од капиталните инвестиции кои го направија Скопје современа метропола е и современата водоводна мрежа, капитален инженерски проект кој подразбираше реконструкција и проширување на водоводниот систем со нови чворишта како Рашче, но и врски кон регинот Аеродром и централна мрежа, реализирани во текот на 1960‑1970‑тите.
Скопје децении потоа
Скопје се градеше плански до почетокот на деведесетите. Со промените во политичкото уредување во годините по осамостојувањето, се случуваа прмени и во градот. Можеби најзначајна промена беше Проектот „Скопје 2014“, еден од најконтроверзните урбанистички потфати во поновата историја на градот инаку симбол на архитектонски кич, естетски невкус и непланска интервенција во јавниот простор. Иако првично најавен како културна и туристичка инвестиција, со буџет од околу 80 милиони евра, проектот достигна вредност од над 640 милиони евра, со над 130 споменици, фасади и нови градби. Наместо да го збогати градот со современа архитектура, „Скопје 2014“ го претвори центарот во сценографија од историски фалсификати, со барокни фасади од стиропор, нефункционални објекти, и споменици без контекст. „Скопје 2014 “ стана напад врз вкусот, историјата и демократските принципи на планирање и резултираше со трајна деградација на културното наследство и урбанистички хаос.

Скопје не го заобиколи ниту урбаната мафија која со години работи во склад со новите инстант донесени Детални Урбанистички Планови кои не корепондираат со потребите на населбите и градот како целина.
Скопје денес е град без Универзална сала, Сајмиште, Луна парк, без развиена велосипедска мрежа, со лош јавен транспорт, град без зеленило и идентитет, изгубен меѓу архитектонските стилови.
Катастрофалниот земјотрес од 1963 година не го уништи Скопје. Во тие години тој го трансформираше во светски симбол на човечка солидарност, урбанистичка иновација и културна обнова. Помошта од 78 земји, ангажманот на Обединетите Нации и визионерските планови на домашни и странски експерти ја претворија трагедијата во можност – за Скопје да стане прв модерен град во Југославија, а воедно и пример за меѓународна кооперација во време на несреќа.
Со нов генерален урбанистички план, амбициозна архитектонска визија и две фази на систематска реконструкција, Скопје требаше да добие нов идентитет. Од монтажните населби, преку зелените појаси и културните институции до новиот централен плоштад, градот требаше да се издигне од урнатините, со поглед кон иднината.
Визијата Скопје да стане модерен град се изгуби во децениите по земјотресот. Некаде помеѓу брутализмот, антиквизацијата и градежната мафија. Скопје и денес е град кој трага по својот идентитет…
Извори: Википедија, Марх, Град Скопје