Скопје деновиве повеќе наликува на отворена депонија отколку на главен град. Контeјнерите се преполни, улиците се претворени во планини од ѓубре, а воздухот мириса на распаѓање и политичка немоќ. Она што беше комунален проблем за неколку дена прерасна во јавно-здравствена закана и срам за целата држава.
Во последните неколку дена, главниот град се соочува со сериозен колапс: ѓубрето не се собира, а Скопје личи на отворена депонија без контрола. Преполни контејнери, купишта отпад, неподнослива миризба и страв од зарази се секојдневие во речиси сите општини. Градот полека, но сигурно, заличува на темен средновековен центар без основна комунална хигиена.
Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ речиси цела недела не излегува на терен, без официјално објаснување. Граѓаните реагираат на социјалните мрежи, додека локалните власти меѓусебно си ја префрлаат вината.
Основното јавно обвинителство Скопје отвори предмет и издаде наредби до МВР и другите инспекторати за итна истрага и прибирање на докази за евентуално кривично дело. Вонреден надзор е побаран од Државниот комунален инспекторат, Инспекторатот за животна средина, Санитарниот инспекторат и Институтот за јавно здравје.
Градоначалничката Данела Арсовска – која, според сопствените зборови, никогаш не е виновна за ништо – вината ја префрли на Управниот одбор на претпријатието, во кој, како што тврди, мнозинството се кадри на ВМРО-ДПМНЕ. Од ЈП „Комунална хигиена“ пак не даваат конкретни причини, освен што споменуваат долгови и обвинуваат дека Министерството за здравство им должи 5 милиони евра – обвинување што Министерството го негира.
Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, побара итна седница на ЗЕЛС и најави дека општината самостојно ќе организира чистење, со помош од други општини.
И покрај ветувањата дека отпадот ќе биде исчистен за 72 часа, граѓаните остануваат скептични. За нив, ова не е повеќе само хигиенски проблем – туку и здравствен, социјален и политички. И токму тие три димензии се најопасни, затоа што не го валкаат само градот – туку и довербата во институциите.
Скопје овие денови не смрди само на ѓубре – смрди и на политика. А граѓаните не се интересираат кој е виновен. Тие бараат чист град, функционални служби и одговорност. Не декларативна, туку конкретна одговорност. И тоа веднаш.