Папата Франциск има воспаление на двете белодробни крила, а неговата здравствена состојба останува „сложена“, соопшти Ватикан.
88-годишниот поглавар на Католичката црква веќе повеќе од една недела се бори со респираторна инфекција и е на лекување во болницата Џемели во Рим.
Ватикан објави дека компјутерската томографија (CT) на белите дробови покажала рана фаза на двострана пневмонија, која бара понатамошен третман.
Во соопштението од 23 февруари се наведува дека состојбата на папата е „критична“, со почетни, благи проблеми со бубрезите, но и дека се чувствува подобро, е буден и добро ориентиран.

Што е двострана пневмонија и кои групи се најзагрозени?
Пневмонијата е инфекција што предизвикува воспаление на воздушните кесички (алвеоли) во белите дробови, кои можат да се наполнат со течност. Ова резултира со симптоми како што се кашлица со слуз или гној, покачена температура, треска, болки во телото, конфузија и отежнато дишење.
Пневмонијата може да биде предизвикана од различни микроорганизми – бактерии, вируси и габички, кои се пренесуваат преку капки при кашлање и кивање или преку контакт со контаминирани површини.
Терминот „двострана“ значи дека инфекцијата ги зафатила и двете белодробни крила, но според истражувачите од Универзитетот за технолошки науки во Сиднеј, Австралија, тоа не секогаш значи потешка форма на болеста.
Во 2021 година биле регистрирани околу 344 милиони случаи на пневмонија ширум светот, од кои 2,1 милион завршиле со фатален исход.
Според Светската здравствена организација, инфекциите на долните дишни патишта биле петтиот водечки причинител на смрт во светот, веднаш по срцевите заболувања, ковид-19, мозочниот удар и хроничната опструктивна белодробна болест.
Кои се најранливите групи?
Најголем ризик од компликации имаат постарите лица над 65 години и децата под две години.
Други ризик-фактори вклучуваат претходни белодробни заболувања како емфизем и хронична опструктивна белодробна болест, пушење и ослабен имунитет.
Кај папата Франциск, покрај возраста, ризикот е зголемен и поради неговата историја со респираторни болести. Во младоста страдал од плевритис (воспаление на плеврата), поради што му бил отстранет дел од белите дробови, што го направило подложен на инфекции.
Папата беше хоспитализиран на 14 февруари поради бронхитис и отежнато дишење.
Како се лекува пневмонијата?
Доколку пневмонијата е предизвикана од бактерии, третманот вклучува антибиотици. Ако причинителите се вируси, тогаш терапијата е посложена, бидејќи постојните антивирусни лекови не секогаш делуваат ефективно.
Пациентите кои се во болница често добиваат инфузии и кислородна терапија.
Физиотерапијата исто така може да помогне за чистење на белите дробови, особено кај пациенти со ограничена подвижност.
Во случајот со папата Франциск, неговата инфекција е „полимикробна“, што значи дека е предизвикана од повеќе различни патогени, па затоа добива комбинирана терапија со антибиотици и кортикостероиди.