Совршено се поклопуваат некои работи, како книгата која ја читам со моменталната ситуација. Книгата објаснува зошто поединечни одлуки се важни за она што постојано ни се случува нас, околу нас и некаде далеку во Африка. Само одлуките остануваат да го направат моментот вечен и да нема друг момент како тој, да нема повторување и да нема можност за промена.
Одлуки како што беше мојата одлука да се запишам на факултет, да работам од 18 години, да прифаќам предизвици и да се појавам на протестот кој се случи пред некој ден. Кога набљудувам, ситуациите ги разгледувам засебно. Како секој од транспарентите кои се носеа на протестот: „Ги избришавте доказите, но нивните имиња се сеуште тука“, „Ќе немаше волку крв да беше се по закон“, „Не умираме од несреќи, умираме од корупција“. Секој еден кој ја донел својата парола направил одлука, неговиот глас низ тие зборови вечно да остави трага. Кога во одреден момент се одлучуваш за некоја постапка решаваш да трае вечно. Како одлуката на судијката да ослободи виновник и истиот да помине неказнето. Одлуката некогаш била скоро и безопасна затоа што била трага само на хартија. Ама сега е врежана уште подлабоко, исклесана во камен.
Најверојатно еден систем се гради од куп правила, договори, закони… А сето тоа се нели збир на одлуки кои некој решил да ги донесе во одреден момент. Кај нас, во нашата држава голем дел од нив биле погрешни. Затоа што најверојатно се донесени со едно затворено око, две покриени уши и заверени со плунка во рака и еден братски поздрав. Затапеноста во донесувањето на одлуки во нашето општество се провејува во животот на поединецот уште од прво соочување со системот. Првиот контакт со образовниот систем, каде треба да го знаеш братот на директорот уште пред да ти се роди детето за да започне да оди во градинката што е поблизу до твоето место на живеење. Кога продолжува во основно петката е мерило на знаење и одредени деца мора да ја имаат. Затоа што ако ја немаат ќе дојде тато и може да биде лошо за наставникот/професорот.
Се сеќавам на една случка од средно каде преку цела година на одредени ученици оцените им беа во просек два, на крај на година магично сите оцени им беа пет. Додека кај најдобрата ученичка во мојот клас која живееше во семејство кое се водеше од праведност и прво ќе го покореше своето дете пред да се кара со професорот, доби две четворки под изговор „Мора да шара во дневникот, па да напишеме и по некоја добра оцена кај другите ученици“. Таа моја другарка не живее веќе тука, одлучи дека не може да ја промени државата, па ја промени државата, и си замина.
И тогаш се прашувам каде е местото на тие што останаа, а немаат врски? Некои од нив не одат во градинка. Имаат неоправдани отсуства на училиште на нивно име, додека тој што треба да има намалено поведение го нема затоа што неговите „солидарно“ се делат по учениците. Полагаат возачка ама задолжително паѓаат по 4 пати, додека некој возат и без неа. Запишуваат факултет, ама паѓаат напишан и научен испит повеќе пати, затоа што има некој друг да понуди парички наместо знаење или некое добро место во општеството или висока позиција. Кревет во онкологија и геријатрија немаат затоа што за такви места се ѕвони како за маса во ноќен клуб или нема да пиеш пијачка или нема да се разбудиш наредното утро… Нели тоа ти е и некако слично.
Што правиме ние што немаме врски? Пешачиме по улиците, не се уморуваме од барање на промени, мелиме како празна воденица и не се откажуваме од подобро општество.
Само додека бараме промена, да не заборавиме дека системот е само збир на одлуки кои се материјализирани или веќе дел од реалноста… и не дојдоа вонземјани да ги направат тие одлуки, ако не ја направивте вие, ја направиле сигурно тие до вас. Ќе застанеме конечно во ред или ќе си фатиме врски за нови одлуки?