Од своето формирање, пред околу четири и пол милијарди години, Земјата непрекинато ротира околу својата оска, извршувајќи целосна ротација за околу 24 часа (попрецизно за 23 часа и 56 минути). Таа, исто така, секој ден напредува и во револуцијата околу сонцето, за која ѝ се потребни 12 месеци.
Но, дали некогаш сте се запрашале што би се случило доколку Земјата наеднаш престане да се врти, барем на секунда? Кои би можеле да бидат последиците?
Земјата ротира околу својата оска со брзина од 0 километри на час на половите и 1.600 километри на час на екваторот. На многу места во Европа, на пример, ротацијата е со брзина од околу 1.180 километри на час, но таа брзина ние не ја чувствуваме, бидејќи се движиме со истата.
Астрофизичарот Нил де Грас Тајсон објаснува што би се случило со луѓето ако Земјата наеднаш прекине да се врти.
„Тоа би било катастрофално. Сите се движиме заедно со Земјата кон исток. Кога Земјата би застанала, а вие не сте врзани со појас, би продолжиле да се движите со истата брзина кон исток. Тоа би ги убило сите на Земјата. Луѓето би летале“ вели Де Грас Тајсон.
Доколку земјата прекине да се врти на неодредено време, а не само на секунда, би дошло до неверојатни промени. Првите нагли промени би биле во атмосферските обрасци, односно во начинот на движење на воздушните струии, кои играат важна улога во контролата на врнежите и температурата на Земјата.
Една од последиците може да биде појавата на пустини таму каде што се сега шуми или трансформација на замрзнатите тундри во пријатно место за живот.
Уште една катастрофална последица би имало со јадрото на Земјата, кое делумно се состои од стопено железо. Доколку Земјата престане да се врти, би исчезнало магнетното поле. Без тоа геомагнето поле, би исчезнал и штитот кој ја чува планетата од штетното зрачење на Сонцето и космичките бранови.
Зошто Земјата се врти околу својата оска?
Нашата планета, како и секоја друга, постојано се врти околу својата оска, бидејќи ништо не може да ја сопре.
Според space.com, Земјата ротира бидејќи просторот околу неа е празен и во вселената нема воздух или други честички кои би можеле да го сопрат ова движење. Можеби судар со друга планета би можел да го сопре или промени движењето.
Тоа што можеби не е толку познато е дека Земјата постепено ја забавува својата ротација, поради влијанието на Месечината.
Страната на Земјата која е свртена кон Месечината и таа која не е, не се балансирани со гравитацијата, а оваа нерамнотежа ги создава океанските плими и осеки. За време на земјината ротација, плимата и осеката се движат по Земјата како бранови. Ова движење го прави сила која делува спротивно од движењето на ротацијата, поради што постепено се забавува ротацијата на планетата. Поради тоа, должината на денот на Земјата се менува за околу една секунда на секои 50 илјади години.
Извор: Н1