Сергеј Андреевски – Светот е моето ателје!

Јас бев еден од најгласните ракоплескачи кога произлезе идејата да се формира Национален џез оркестар. Токму на самите почетоци на формирањето на оркестарот, една случајна средба со мојот пријател, а нашиот познат музичар, фронтменот на групата „Љубојна“, Оливер Јосифовски, беше поводот за соработка. Се договоривме тие да ги користат моите дела од циклусот „Џезери“ за дизајн на нивните плакати. Тоа е циклус кој датира од периодот на моите чести посети на Северна Каролина, САД. Навечер, го придружував мојот другар, сликар, поет и музичар – Дик Робертс кога настапуваше со својот бенд во различни барови. Тие живи свирки, следниот ден ги преточував на моите платна и хартии. Овој циклус трае веќе четврт столетие, постојано му се навраќам, а деновиве, инспириран од оваа соработка, повторно чувствувам потреба да се нурнам во светот на џез музиката со потези што ќе го доловат моќниот звук на виртуозите.

Академскиот сликар Сергеј Андреевски и Националниот Џез Оркестар неодамна најавија нова интересна соработка. Имено, оваа година, дизајните на плакатите за концертите на Националниот џез оркестар ќе содржат дела на овој истакнат ликовен уметник со меѓународна кариера. Ова беше само повод до разговараме со Сергеј со кој можете со часови да зборувате за уметноста, за богатото музичко наследство, за традицијата што постепено исчезнува, за литературата, за убавите работи околу нас…Со Сергеј yметноста живее секаде. Од Скопје, Солун, Њујорк до малиот рај во Слоештица сместена во регионот на горен Демир Хисар, каде вели Сергеј се последните остатоци на едно хумано живеење коешто наскоро ќе го снема и каде природата околу сеуште е дива и чиста. „Слоештица, или како што изворно ја изговараме Слојштица, е тајната, магијата, радоста, возбудата, зеленото море, врската со природата и предците. Татко ми Петре, дедо ми Мито, баба ми Менка… тие се овде, секојдневно, околу нас, со нас, и не бодрат да опстанеме во глобалното живеење. Некогаш ја замислувам Слоештица како голема птица којашто полетува кон Преспанското и Охридското Езеро“ ќе каже Сергеј за неговата вечна испирацијата и родното село на неговиот татко великанот на македонската литература Петре М. Андеевски.

Со Сергеј зборуваме за соработката со Националниот џез оркестар, за музиката, за сликарството, за неговите претци, за АРТ ПОИНТ – ГУМНО, за улогата на уметноста во општеството во кое живееме…

Трн: Како дојде до соработката со Националниот џез-оркестар и колку сама по себе таквата соработка е инспиративна за Вас?

Сергеј: Џез музиката отсекогаш ме фасцинира и ме исполнува. Таквата слобода на креирање тонови, тоа е мојот свет.

Музиката воопшто ме следи уште од многу одамна, од периодот кога седев во клупите на средното уметничко училиште. Таму, освен што ги учев основите на сликарскиот занает, разменував и откривав многу музички искуства дружејќи се со мојот соученик, сега покоен, Златко Трајковски – Хинки. Тој беше одличен познавач на светската експериментална музичка сцена. Заедно уживавме во музиката на Лори Андерсен, Лу Рид и на Мајлс Дејвис – звуците на неговата труба допираа до вселената; Луис Армстронг, Били Холидеј, Дјук Елингтон… сите тие го илустрираа моето секојдневие. Во моето ателје сеуште вртат некои од омилените касети и ЦД-иња со музиката од овие класици. Таа љубов и страст и денес воопшто не е намалена и сеуште е дел од моето секојдневие. Не случајно, радиото во мојот автомобил е закочено на фреквенцијата на скопското Џез ФМ радио. Така што, логично, јас бев еден од најгласните ракоплескачи кога произлезе идејата да се формира Национален џез оркестар. Токму на самите почетоци на формирањето на оркестарот, една случајна средба со мојот пријател, а нашиот познат музичар, фронтменот на групата „Љубојна“, Оливер Јосифовски, беше поводот за соработка.

Се договоривме тие да ги користат моите дела од циклусот „Џезери“ за дизајн на нивните плакати. Тоа е циклус кој датира од периодот на моите чести посети на Северна Каролина, САД. Навечер, го придружував мојот другар, сликар, поет и музичар – Дик Робертс кога настапуваше со својот бенд во различни барови. Тие живи свирки, следниот ден ги преточував на моите платна и хартии. Овој циклус трае веќе четврт столетие, постојано му се навраќам, а деновиве, инспириран од оваа соработка, повторно чувствувам потреба да се нурнам во светот на џез музиката со потези што ќе го доловат моќниот звук на виртуозите.

Трн: Вашиот визуелен стил често се поврзува со постекспресионизмот и слободата на изразувањето. Како се чувствувате кога вашето дело ќе стане визуелен глас на џез музиката, жанр кој и самиот е познат по импровизацијата и слободата?

Сергеј: Не случајно, многу филозофи изјавиле дека „индивидуалната слобода е најголемата човечка вредност“, а токму таму: во џезот, во сликарството, поезијата…има најмногу индивидуална слобода. Мојот стил на создавање на уметничко дело е често импровизирање, менување на содржината на сликата, спонтано, скоро несвесно истурање на боите врз платното или хартијата. Затоа јас велам дека сликам како џез музичар.

Многупати, и кај нас и во странство, имам настапувано пред публика, придружуван од музичари. Тие настапи се многу инспиративни и провокативни. Творечката возбуда кај таквите настапи е неповторлива, буквално го исцрпува секој атом од моето тело, радоста на создавањето тогаш кулминира. Од кај нас би ги издвоил перформансите со „Мајовци“, „Љубојна“, Џијан Емин, Влатко Стефановски, Македонската филхармонија…

Трн: Како основач на „АРТ ПОИНТ – ГУМНО“, создадовте уникатна платформа за поврзување на уметноста со одржливиот развој. Дали ваквите иновативни пристапи можат да најдат место и во новиот проект со џез оркестарот?

Сергеј: Во „АРТ ПОИНТ – ГУМНО“ дозволено е сѐ што е поврзано со уметноста, заштитата на животната средина и радоста на создавањето и живеењето. Ние во Слоештица сме организирале концерти на групите „Љубојна“, „Караванија“, „Старовски“ … и секогаш овие концерти беа посетени од бројна восхитена публика. После концертите, редовно не прашуваат кој ќе се претстави на нашето сретсело следната година. На гумното ни гостуваат и музичари поединци како: Гоце Димовски од „Синтезис“, Зарина Првасевда, Игор Џамбазов…, имавме и поети коишто преку проектот „Добри гости“, освен со поезија, не израдуваа и со сопствена музика.

Музичарите стануваат и дел од нашите уметнички работилници. Минатата година ни гостуваше Владимир Мартиновски, поет, музичар и сликар. Годинава очекуваме да ни гостува „Паспарту дуо“ од Италија коишто главно го истражуваат начинот на кој го слушаме и поврзуваме звукот преку развивање на рачно изработени музички инструменти. Секогаш сме отворени за нови и иновативни соработки.

Трн: Koга сме кај „АРТ ПОИНТ – ГУМНО“, што е за Вас и за Вашето семејство Слоештица?

Сергеј: Слоештица, или како што изворно ја изговараме Слојштица, е тајната, магијата, радоста, возбудата, зеленото море, врската со природата и предците. Татко ми Петре, дедо ми Мито, баба ми Менка… тие се овде, секојдневно, околу нас, со нас, и не бодрат да опстанеме во глобалното живеење. Можеби овде, во регионот на горен Демир Хисар се последните остатоци на едно хумано живеење коешто наскоро ќе го снема. Природата е околу нас, сеуште е дива и чиста. Некогаш ја замислувам Слоештица како голема птица којашто полетува кон Преспанското и Охридското Езеро. 

Трн: Покажавте дека културата живее секаде. Од Слоештица, преку Скопје, Солун, Њујорк,… Како гледате на односот меѓу глобалното признание и локалниот контекст?

Сергеј: Јас многу често велам дека Светот е моето ателје! Не правам разлика на која локација ги отворам тубите. Начинот на којшто креирам е универзален каде и да се наоѓам: зграпчувам од околината и тоа го истурам на платното или хартијата. Тој мој свет никого не го остава рамнодушен, сеедно каде се наоѓам, во Јапонија, Кина или овде, дома.

Трн: Како беше да се расте со великанот на  поетскиот збор – Петре М. Андреевски и уметницата Светлана Христова-Јоциќ и потоа да се воспитува една прекрасна и надарена  ќерка како Воскресија? Колку уметноста ( во секој облик) со која бевте и сте опкружени влијае на вашата личност и вашиот животен пат?

Морам да истакнам дека не само татко ми Петре и мајка ми Светлана, туку и моите двајца дедовци создаваа скулптури, беа врвни раскажувачи, пееја и свиреа. Дедо ми Мито, татко на татко ми, беше виртуоз на гајда и далеку познат раскажувач на народни приказни. Исто така, дедо ми Косте, татко на мајка ми, свиреше на кавал и прекрасно пееше. Баба ми Менка, мајка на татко ми, ги познаваше сите билки и нивното магично дејство… Јас растев со дедо ми и баба ми во Слоештица, со нив/кај нив го поминав најраното детство, предучилишниот период, а потоа и секој распуст. Таму, минувајќи го најголемиот дел од времето во планината, меѓу дивите животни, слушајќи ги птиците и жуборот на планинските потоци го создадов мојот внатрешен, неисцрпен творечки архив. Денес, тој ми помага да создавам уметност; доволно е само мало пребарување низ него за преку моите раце да излезе богатство од светови. Да се расте во толку богато и возбудливо опкружување е како да живеете во една раскошна градина на духовно богатство.

Со татко ми често разговаравме за нашиот код, кодот на македонецот, за нашето богато музичко наследство со особено уникатен фолклор. Разговаравме многу за традицијата што постепено исчезнува, за литературата, за нашата заедничка љубов – Слоештица.

Со мајка ми го коментиравме светот на невообичаеното, светот на Карлос Кастанеда, на Дон Хуан; со неа разговаравме за архаичните зборови на македонскиот јазик, за поезијата. Таа беше многу оригинален уметник и не сум сигурен дека нејзината уникатна појава е доволно препознаена во нашава средина. Бидејќи таа беше пред времето, а живееше и создаваше како да беше дел од Париската уметничка сцена.

Воскресија ги има наследено сите креативни вредности од предците. Таа имаше привилегија да расте до книгите на мајка ми и до карикатурите на Владо Јоциќ, вториот сопруг на мајка ми, но и во Слоештица, да ги слуша приказните од дедо ми Мито. Порасна во моето ателје каде што секојдневно доаѓаа посетители и уметници од целиот свет; би рекол студираше на многу моќен универзитет уште пред да се запише во средното уметничко училиште и на ФЛУ. Нејзиниот авторски печат природно се профилираше во ваквото опкружување.

Трн: Како гледате на улогата на уметноста во современото општество? Како уметноста, особено денес во ова тешко време може да влијае на свеста на луѓето?

Сергеј: Честопати размислувам токму на оваа тема: „Зошто постојат големите култури и дали би биле големи без уметност?!“ Токму таа, уметноста, не одвојува нас луѓето од останатиот жив свет. Пирамидите од Египет, старогрчката и староримска уметност, ако сакате да се вратиме и на прапочетоците на создавањето на уметнички дела, пештерите Ласко, Алтамира…кај нас би ги споменал фреските и иконите од византискиот период, не знам дали постои повозвишено достигнување на човечката раса?! Што би правеле Вие во Париз без Лувр и Нотр Дам?! Во Лондон без Тејт галеријата?! Во Њујорк без Метрополитен Музеј?! Без островот на музеите во Берлин?!

Духовната храна го одржува човештвото, го оплеменува. Туристите пред или после ручекот се насладуваат на убавините на плоштадот Св. Марко во Венеција или Акропол во Атина или Аја Софија во Истанбул…

Колку светот би бил штур и празен без уметност, без култура, без концерти, без јавни настапи на уметници, без промоции на книги?! Нашата улога, улогата на сите нас што се занимаваме со уметност е создавајќи свој, сопствен и уникатен свет да го облагородиме човештвото.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни