Семинар на тема „Класична Хармонија“ со професор Валентина Велковска – Трајановска

Главните карактеристики на композиторскиот јазик на Валентина Велковска – Трајановска се програмноста и употребата на различни стилски постапки и техники при создавањето на едно дело меѓу кои полистилизам, ограничена алеаторика, модалност.

Вчера во концертната сала при ДМУЦ Сергеј Михајлов – Штип, се одржа семинар на тема „Класична Хармонија“ на кој предаваше проф. д-р Валентина Велковска – Трајановска.

Велковска- Трајановска своето музичкото образование го завршува во Скопје. На Факултетот за музичка уметност во 2001 дипломира на одделот за музичка теорија и педагогија, а во 2004 г. – на одделот за композиција во класата на проф. д-р Тома Манчев.

Во 2006 година магистрира во областа на теоријата на оркестрацијата, а од 2009 година е на докторски студии по композиција кај истиот ментор. Во меѓувреме, работи во Македонското радио како соработник и музички новинар (1999 – 2003) и во Македонската телевизија (1996-2003), на Факултетот за музичка уметност како демонстратор по предметите Солфеж и Основи на оркестрацијата (2003 – 2007), а од 2007 година е професор на Факултетот за музичка уметност во Штип. Во целиот период стручно се усовршува учествувајќи на дваесетина интернационални конференции, семинари и фестивали (Лондон, Дартингтон-Англија, Острава – Чешка, Белград, Визби – Шведска, Подгорица, Бафало – САД итн.).

Главните карактеристики на композиторскиот јазик на Валентина Велковска – Трајановска се програмноста и употребата на различни стилски постапки и техники при создавањето на едно дело меѓу кои полистилизам, ограничена алеаторика, модалност. Акцентот е врз тембровите бои на инструментите или гласот (во делата каде што е застапен). Програмноста е силно изразена во смисла на следење на определена поетска, визуелна или апстрактна инспирација. На пример, делото „Омен“ е инспирирано од сликата на Ј. М. Вилијам Тарнер „Брод со робови“.

Делото претставува звучна експресија на човечките чувства пред смртта, нивните надежи и очекувања, и на крајот, моментот на умирање и исчезнување. Делото „Ѕвездин траг“ е инспирирано од истоимена песна на поетот Јован Стрезовски. „Чекор пред темнината“ е инспирирана од есејот „Попуштање пред ноќта“ од книгата „Огледи на распаѓањето“ од Емил Сјоран. Во некои дела има инспирација од духовното музичко наследство на нашата земја – црковната музика. Фолклорот и фолклорните теми главно биле вон опсегот на нејзиниот творечки третман.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни