Истражувачите велат дека ограничувањата наметнати за време на пандемијата на коронавирус имаа многу негативно влијание врз развојот на видот кај децата и тинејџерите, имајќи предвид дека тие поминуваат многу повеќе време пред екрани, а многу малку на отворено.
Миопијата, или кратковидоста, станува се поголем јавно здравствен проблем на глобално ниво што ќе влијае на милиони деца до 2050 година, предупредува една студија.
Највисоки стапки на миопија кај децата се забележани во Азија – 85 отсто од децата страдаат од миопија во Јапонија и 73 отсто во Јужна Кореја, а повеќе од 40 отсто во Кина и Русија.
Најниска стапка на миопија е забележана кај младите во Парагвај и Уганда – околу еден процент, а во Обединетото Кралство, Ирска и САД од неа страдаат околу 15 проценти од тинејџерите и помалите деца.
Истражувањето покажа дека миопијата кај младите e тројно зголемена помеѓу 1990 и 2023 година, искачувајќи се на 36 проценти, а значителен пораст на кратковидоста кај децата е забележан особено по пандемијата на коронавирус.
Миопијата обично започнува во детството, за време на основното училиште и има тенденција да се влошува додека органот на окото не престане да расте, што е околу дваесеттата година од животот. Ако не се открие и лекува, обично брзо напредува. Раната интервенција за спречување на миопија може да ја забави или дури и да ја запре прогресијата на миопијата кај детето.
Веројатноста за развој на миопија е поголема во Источна Азија и зависи од генетското наследство, како и од други фактори, како што е исклучително малата возраст (две години) кога децата го започнуваат своето образование во градови како Сингапур и Хонг Конг.
Ова значи дека веќе на најрана возраст од животот, децата поминуваат повеќе време фокусирајќи се на читање или на екраните, што ги оптоварува очните мускули и кај некои може да резултира со развој на миопија, покажа истражувањето.
За разлика од Азија, во африканските земји каде децата почнуваат на училиште на возраст од шест до осум години, миопијата е седум пати поретка.
Најголема штета на очите на децата предизвика карантинот воведен за време на пандемијата на коронавирус ширум светот. Тогаш милиони деца беа принудени да останат предолго во своите домови.
„Доказите што ги собравме укажуваат на потенцијална врска помеѓу пандемијата и забрзаното влошување на видот кај младите возрасни“, напишаа научниците, додавајќи дека до 2050 година, состојбата може да влијае на повеќе од половина од тинејџерите ширум светот.
Фактот дека девојчињата и младите жени се повеќе изложени на развој на миопија во споредба со момчињата и младите мажи е исто така интересен бидејќи повеќето од нив поминуваат помалку време на отворено, без разлика дали се работи за активности на училиште или дома, покажа студијата.
Исто така, треба да се истакне дека развојот на девојчињата, односно пубертетот, започнува порано, што значи дека тие се повеќе склони кон миопија од момчињата на порана возраст.
Извор: Н1