Седум уникатни керамички садови на Пикасо продадени на аукција во Женева за 290.000 евра

Керамиките, кои досега никогаш не биле изложени во јавност, прикажуваат мотиви како птици, риби и кози.

Седум уникатни керамички чинии и садови, рачно насликани од шпанскиот уметник Пабло Пикасо, беа продадени на аукција во Женева за вкупна сума од 272.000 швајцарски франци (околу 290.000 евра), што е речиси двојно повеќе од првичната проценка.

Керамиките, кои досега никогаш не биле изложени во јавност, прикажуваат мотиви како птици, риби и кози. Тие се создадени помеѓу 1947 и 1964 година во прочуената работилница за керамика „Мадура“ во Валорис, Франција, и биле во приватна сопственост речиси 40 години.

Аукциската куќа Piguet од Женева, која ја организираше продажбата, објави дека првичната проценета вредност на колекцијата изнесувала 145.000 франци (околу 154.000 евра), што го прави исходот на аукцијата неочекуван успех.

„Оваа цена ја одразува ентузијастичната љубов на јавноста кон делата на маестро Пикасо – во сите нивни форми“, се вели во соопштението од Piguet.

Пикасо како уметник на маси

Иако најпознат по своите слики и скулптури, Пикасо експериментирал и со керамика – особено во подоцнежниот дел од кариерата, кога барал нови форми на уметнички израз.

„Во тоа време, тој веќе беше интернационално признат. Големите, познати дела беа веќе создадени, па бараше нови начини да ја изрази својата уметност“, изјави Аделин Биш Балерна, раководителка на одделот за слики и скулптури во Piguet, за агенцијата AFP.

Иако овие керамики достигнаа висока цена, најскапото продадено керамичко дело на Пикасо останува „Голема ваза со завиени жени“ од 1950 година, која во 2013 беше продадена на аукција во Лондон за 1.149 милиони евра.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни