Фестивалот ќе трае до 6 октомври, а програмата ќе се одвива на платото пред Дом на АРМ и во Кафе и филм КОТУР. Влезот за сите проекции е бесплатен, но поради ограничениот број на седишта потребно е да се подигнат билети од КОТУР.
Отворањето – со „Нова енергија“
Првата фестивалска вечер ќе биде одбележана со скопската премиера на краткиот филм „Нова енергија“ (14’) во режија на Сара Климоска и Радован Петровиќ. Филмот ја следи приказната за две пријателки кои се соочуваат со последиците од токсични врски, притоа откривајќи ја силата на женското пријателство и меѓусебната поддршка.
Во програмата за вечерва се вклучени и филмовите:
- „Избор“ на Марко Црногорски (17’) – приказна за млада мајка која се соочува со рестриктивни закони околу репродуктивните права.
- „Mentor“ на Tinkara Kliphteter (15’) – истражување на тенките линии меѓу глумата и реалноста.
- „Victory“ на Зулфикар Филандра (22’) – судир меѓу босански работници и западни хипстери на реката Дрина.
По секоја проекција ќе следи разговор со авторите, модериран од Дениз Абдула. Вечерта ќе продолжи со музичка селекција на Томи Бојаџи во КОТУР.

Жири и поддршка
Жирито кое ќе одлучува за најдобрите филмови во официјалната и студентската селекција го сочинуваат актерката Кристина Леловац, режисерот Трифун Ситниковски и режисерката Дина Дума.
Фестивалот се реализира со поддршка од Македокс, Трн.мк, Саманта ДОО, Скопско, Винарија Тиквеш и Халк Банка.