Седмо издание на фестивалот на филм и музика – ЅИРНИ

На наше големо задоволство, покрај кино салата на КОТУР, фестивалот ќе се одржи и на Платото пред Дом на АРМ , место од големо културолошко значење за нашиот град, место кое претставуваше собиралиште на младата алтернативна сцена , а и еден од ретките, сеуште слободни јавни простори во центарот на градот

Кафе и филм КОТУР го најавува седмото издание на фестивалот на филм и музика – ЅИРНИ. Со почеток од 29 Септември до 6 Октомври годинава ќе имате шанса да го проследите добро познатиот коктел од филмови со интернационална и национална селекција, 48часовниот филмски предизвик, специјална проекција во чест на Илинденка Петрушева, концерт на Луфтханза пред Дом на АРМ, интервјуа, изложби, вкусна храна и внимателно селектирана музичка програма. 

„На наше големо задоволство, покрај кино салата на КОТУР, фестивалот ќе се одржи и на Платото пред Дом на АРМ , место од големо културолошко значење за нашиот град, место кое претставуваше собиралиште на младата алтернативна сцена , а и еден од ретките, сеуште слободни јавни простори во центарот на градот“ велат од ЅИРНИ.

Фестивалот ќе се одвива во текот на седум фестивалски денови, со две натпреварувачки филмски програми од официјалната и студентската селекција, како и резултатите од 48часовниот филмски предизвик, специјална проекција на „Бабички на револуцијата“ во чест на Илинденка Петрушева, концертна промоција на албумот ,,Наше после сe“ од бендот „Занаду“, изложбата „Добредојде, добро те најдов“ на Ана В’чкова, концерт на Луфтханза, концерт на Hot Jazz Orkestar и музичка селекција од Томи Бојаџи, Давид Николовски, Миа Ѓоргиевска, Игор Спироски, Никола Димитријеќ (Double G), Бојан Јанев (Soul Case).

Официјалната филмска програма вбројува доста скопски премиери на домашните филмови „Нова енергија“ во режија на Сара Климоска и Радован Петровиќ, „Избор“ во режија на Марко Црногорски, „Остров“ во режија на Бранко Костески, „Зајак“ во режија на Ханис Багашов и „Сенките на месечината“ во режија на Тина Величковиќ

И оваа година официјалната селекција на кратки филмови ќе се натпреварува за наградата „Данчо Чеврески” поддржана од пријателите на фестивалот Халк банка. Дополнително студентска селекција ќе се натпреварува за најдобар студентски филм, а целосната филмска програма ќе се натпреварува за најдобар филм според публиката. Жирито го сочинува истакната група филмски професионалци: режисерката Дина Дума, актерката Кристина Леловац и режисерот Трифун Ситниковски. Покрај официјалната програмата, по трет пат ќе се одржи и 48часовниот филмски предизвик и филмовите од истиот кои ќе се натпреваруваат за најдобар филм од предизвикот, со жири комисија во состав: Игор Христов – режисер, Горјан Атанасов – монтажер и Слаѓана Вујошевиќ – актерка. 

Овогодишното издание на SИРНИ е овозможено од поддршка на пријателите од Македокс, Трн мк, Саманта ДОО, Скопско, Винарија Тиквеш и Халк Банка.

Распоредот и програмата се достапни на социјалните мрежи на Кафе и филм КОТУР и Ѕирни, како и на вебсајтот https://dzirnifestival.com/

Влезот за целосната програма на ЅИРНИ 7 е слободен. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни