Се избира нов папа: Почнува конклавата – како изгледа процесот и кои се фаворитите?

Во среда во Сикстинската капела започнува конклавата – тајниот избор на новиот поглавар на Католичката црква. Во процесот учествуваат 133 кардинали под 80-годишна возраст, наречени и „принцови на Црквата“. Двајца кардинали се извиниле поради здравствени причини, а кардиналот Анџело Бечу, осуден за проневера, не учествува.

Најмногу кардинали доаѓаат од Европа – повеќе од 50, од кои најголем дел се Италијанци. Од САД се 10, од Азија 23, од Латинска Америка 21, а од Африка 18.

Како изгледа почетокот на конклавата?

Кардиналите облечени во црвени мантиии се упатуваат од Домот на Света Марта до Сикстинската капела, каде ги предаваат мобилните телефони. Капелата се проверува за прислушувачи и се активираат уреди за блокирање сигнали. Следи положување заклетва за тајност.

По командата „Extra omnes!“ (Сите надвор!), внатре остануваат само кардиналите, неколку службени лица и лекар. Вратите се заклучуваат, и кардиналите се целосно изолирани од надворешниот свет.

Во капелата нема говори – се гласа во тишина. Првото гласање се очекува уште попладнето во среда, а потоа следат четири гласања дневно, сѐ додека еден кандидат не добие двотретинско мнозинство.

Како функционира гласањето?

Секој кардинал добива ливче со текстот „Eligo in summum pontificem“ („Го избирам за врховен поглавар“) и го запишува името на кандидатот. Ливчињата се собираат и пребројуваат, потоа се прободуваат и врзуваат во сноп и се палат. Црн чад значи дека нема избран папа; бел чад и ѕвонење на камбаните на базиликата Свети Петар означува: „Habemus papam“ – имаме нов папа.

Што следува ако некој добие мнозинство?

Деканот на кардиналскиот колегиум го прашува избраниот дали ја прифаќа функцијата. Ако одговори позитивно, го избира своето папско име. Потоа оди во „Собата на солзите“ каде се пресоблекува во белата папска одежда, подготвена во три големини. Потоа излегува на балконот и се обраќа на народот.

Колку долго може да трае конклавата?

Процесот може да трае од неколку часа до неколку недели. Најдолгата конклава во историјата, во 13 век, траела речиси три години. Во поновата историја, обично трае два до три дена. Ако по 13 дена нема победник, се гласа само помеѓу двајцата кандидати со најмногу гласови – но и тогаш е потребно двотретинско мнозинство.

Кои се фаворити?

Пјетро Паролин (70) – Италијански кардинал, државен секретар на Ватикан. Познат по дипломатските способности, близок до папата Франциско. Недостаток му е што нема пасторално искуство.
Луис Антонио Тагле (67) – Филипински кардинал, популарен поради блискоста со верниците и борбата против злоупотребите во црквата. Некои му замеруваат за слаб менаџмент во „Каритас“.

Кандидати од сенка

Матео Цупи – Италијанец, близок до социјалната агенда на папата Франциско, активен во мировна дипломатија.
Жан-Клод Холерих – Главен известувач на Синодата, поддржува реформи и е отворен за прашања како улогата на жените и ЛГБТ верниците.

Петер Тарксон – Кардинал од Гана, умерен кандидат кој повторно се спомнува како избор надвор од Европа.
Марк Уелет – Канадски кардинал, некогашен фаворит на конзервативците. Иако обвиненијата против него беа отфрлени, му е нарушен угледот.

Важно е да се нагласи: конклавата често носи изненадувања. Понекогаш, идниот папа не е меѓу најгласните фаворити.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни