Сајбер-напад предизвика хаос на европските аеродроми

Сајбер-напад врз системите за чекирање и качување на патници предизвика доцнења и нарушувања на неколку големи европски аеродроми во саботата, меѓу кои и на аеродромите во Брисел, Лондон (Хитроу) и Берлин (Бранденбург).

„Во петок навечер беше извршен сајбер-напад врз давателот на услуги за системите за чекирање и качување, што ги погоди повеќе европски аеродроми, вклучително и аеродромот во Брисел,“ соопштија од Бриселскиот аеродром. Поради тоа, беше можно само рачно чекирање и издавање на борд-карти.

Станува збор за системите на компанијата Collins Aerospace, чија технологија ја користат аеродроми ширум светот за самостојно чекирање и печатење на борд-карти и багажни етикети.

Во Брисел, според портпаролката Ихсане Чиуа Лехли, во саботата беа откажани девет лета, четири беа пренасочени кон друг аеродром, а 15 каснеле повеќе од еден час. Аеродромот најави дека половина од неделните летови ќе бидат откажани за да се избегнат долги редици и дополнителни доцнења.

Во Берлин немаше откажани летови, но беа предупредени патниците на доцнења и подолги процедури при чекирање. Лондонскиот Хитроу, пак, соопшти дека нарушувањата биле „минимални“ и дека немало откажувања.

Само од Брисел во саботата требаше да полетаат околу 35.000 патници, поради што од аеродромот апелираа патниците да дојдат само доколку нивниот лет е потврден.

Извор: Euronews

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни