Санадер се врати дома, државата за 11 години не успеа да му ги одземе украдените милиони

Поранешниот премиер и шеф на ХДЗ, Иво Санадер, е пуштен на условно на слобода.

Од вкупно 18 години затвор на кои беше осуден во аферите Фими медиа, Планинска и Ина-МОЛ, тој одслужи речиси 11 години, а ќе биде на условно на слобода уште седум години и околу 15 дена.

Иако ги исполни своите формални обврски по излегувањето од затворот во Липовица – се пријави во полиција и во канцеларијата за пробација – на прашањето дали ќе ги врати на државата парит што беа одземени со правосилни судски пресуди, Санадер не одговори. За тоа молчи и неговиот адвокат, кого го ангажираше кога побара предвремено ослободување од затвор.

Средствата што му беа одземени на Санадер со правосилни пресуди сега претставуваат имот на Република Хрватска.

Колку ѝ должи Санадер на државата?

Финансискиот дел што и понатаму го оптоварува 71-годишниот поранешен премиер не е за потценување. Во аферата Фими медиа, правосилно му беа одземени речиси 15 милиони куни, односно околу два милиона евра. Засега државата, според достапните информации, успеала да наплати 327.714,10 куни и околу 140.000 евра што Санадер ги имал на банкарски сметки во Хрватска.

Уште околу 250 илјади куни и околу 155 илјади евра имало на сметки на неговата сопруга, татко и ќерка.

Парите на сметки во Австрија

Австриските банки добиле налог според правосилната пресуда во случајот Фими медиа да вратат во Хрватска нешто повеќе од 1,3 милиони евра од парите на Санадер. Дали тоа е сторено, не е потврдено.

Доколку сите тие пари би завршиле во државниот буџет, сепак би недостигале уште околу 350 илјади евра за Санадер да го покрие она што му е одземено со пресуда. Секако, му беа одземени и некои уметнички дела, чиишто вредност беше проценета на околу 275 илјади евра.

Ќе биде ли Санадер предмет на извршување?

Покрај тоа, постои и пресуда во аферата Планинска, во која на Санадер, како што потврди ДОРХ во тоа време, му беа одземени 10 милиони куни и еден милион евра. Станува збор за мито кое го добил од месарот Стипе Фиолиќ за продажба на зградата на улицата Планинска. Со наплатата на тој износ ДОРХ, како што претходно објаснуваа, чека бидејќи на Санадер веќе му е блокиран целиот имот во аферата Фими медиа.

За наплата на тој износ, Државното обвинителство би требало да покрене извршен постапка (оврха), но одлуката за тоа ќе се донесе откако ќе се наплати сè од аферата Фими медиа.

Пет милиони мито за Ина

Државата се обиде да ги врати и познатите пет милиони евра што Санадер ги добил како мито во аферата ИНА-МОЛ.

Парите му биле исплатени преку бизнисменот Роберт Јежиќ, кој организирал средствата да поминат преку сметката на компанијата Ксенопласт, во која бил малцински сопственик. Сите паметат кога Јежиќ во октомври 2012 година во судница изјави дека парите ќе ги врати за еден месец. Подоцна се правдаше дека не е така едноставно да се повлечат средства од компанија во Швајцарија и дека првата изјава за рокот од еден месец ја дал пребрзо.

Треба да се потсети дека пресудата на Санадер тогаш не беше правосилна и Јежиќ немал никаква правна основа да враќа пари, иако така изјавил во судница. На Ксенопласт во меѓувреме му беше наложено од страна на судот да уплати пет милиони евра во државниот буџет на РХ, но не е познато дали тоа е направено.

Како ќе се наплати државата?

Index поставил прашање до ДОРХ, и Жупаниското државно обвинителство во Загреб, и УСКОК дали навистина нешто е одземено на Санадер, но не добиле одговор.

„Министерството за просторно уредување, градежништво и државен имот за 12 уметнички дела трајно одземени од обвинетиот Иво Санадер со пресуда од Жупанискиот суд во Загреб донесе одлука со која правото на располагање им е пренесено на Министерството за култура и медиуми. Тоа ги смести во музејски установи согласно со важечките прописи кои го уредуваат ова подрачје.

За другите предмети кои беа привремено одземени од обвинетиот Иво Санадер, а не се трајно одземени во кривичните постапки, се води извршна постапка за наплата на одземената имотна корист кај надлежното Државно обвинителство“, велат од Министерството.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни