На 26 август во 20 часот, во Мобилната галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје ќе се одржи самостојната изложба на уметникот Озбек Ајвас насловена „Гласот на минатото – скулптура што раскажува приказни“. Скулпторот Ајваз и е добро познат на македонската публика преку своите дела, но и ангажирани социјални акции кои го привлекуваат вниманието на јавноста и секогаш укажуваат на тековен општествен проблем.
Ајваз е познат по неговиот специфичен и креативен пристап кон уметноста фокусиран на железото како материјал, преку кој го трансформира во уникатни уметнички дела. Има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот за вајарство под менторство на Жарко Башески и Беди Ибрахим.
Најголемиот впечатокот во јавноста го стекна со изработката на неговиот магистерски труд „Тешкото“, кој се состои од осум скулптури со природна големина. Ајвас активно работи на тоа да ја врати свежината на отпадот кој се фрла, а неговиот креативен порив ги комбинира егзистенцијата и актуелните случувања во општеството, но и уметничката потреба за создавање кои му се важни.
Пораките кои Ајвас ги пренесува преку неговите скулптури потсетуваат колкава е важноста на ангажираната уметност денес и улогата на уметникот како активен чинител во општествените процеси. Еколошката одговорност и димензија пак, се уште еден важен процес на кој се осврнува уметникот токму преку работата со отпадот.