САД: Отпуштена директорката на CDC по судир со министерот Кенеди

Директорката на Центарот за контрола и превенција на болести, Сузан Монарез, е отпуштена поради несогласување со политиките на министерот Роберт Ф. Кенеди Џуниор. Нејзиното откажување предизвика и оставки од други високи функционери во CDC.

Белата куќа ја отпушти директорката на Центарот за контрола и превенција на болести (CDC), Сузан Монарез, по само еден месец на функцијата. Отпуштањето доаѓа по притисок од министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор и неговата помошничка Стефани Спир, кои ја принудувале да поднесе оставка и да отпушти дел од високите кадри во агенцијата.

Портпаролот на Белата куќа, Куш Десај, изјави за POLITICO дека Монарез „не се усогласила со агендата на претседателот Трамп ‘Да ја направиме Америка повторно здрава’ (Make America Healthy Again)“.

Но, адвокатите на Монарез тврдат дека таа не поднела оставка, ниту добила официјално известување за отпуштање. Во изјава стои дека таа одбила да прифати политички мотивирани наредби кои, според нив, се спротивни на научните принципи и јавниот интерес.

Овој потег предизвика бран оставки во CDC — заминаа главната медицинска службеничка Дебра Хури, директорот за имунизација Деметре Даскалакис, и директорот на Центарот за заразни болести Даниел Џерниган.

Инцидентот доаѓа во чувствителен момент: CDC неодамна се соочи со смртоносен вооружен напад врз својата централа во Атланта, при што загина полицаец. Напаѓачот, кој покажал недоверба кон вакцината за Ковид-19, оставил документи со заговорнички ставови.

Монарез беше именувана од самиот Кенеди откако првиот кандидат на претседателот Трамп, Дејв Велдон, беше повлечен. Кенеди во март ја пофали Монарез како „брилијантна микробиологинка и технолошки експерт“, но сега бараше нејзино заминување.

Сенаторката Пети Мареј (демократ од Вашингтон) ја пофали Монарез за тоа што не поднела оставка и повика на смена на Кенеди, нарекувајќи го „опасен човек кој ја користи својата позиција за ширење теории на заговор и дезинформации“.

Овој случај следува по серија контроверзии во HHS под водство на Кенеди, вклучувајќи масовни откази и редизајнирање на надворешни советодавни тела за вакцинација — заменувајќи ги членовите со лица кои се скептични кон вакцините.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни