Руски воени авиони влегоа во естонскиот воздушен простор, НАТО ги подигна ловците – рускиот пилот само пријателски одмавна со раката

Три руски МиГ-31 авиони накратко влегоа во воздушниот простор на Естонија, по што НАТО испрати два италијански F-35 ловци. Инцидентот го отвори прашањето кога и како треба да се реагира на вакви провокации.

Откако руските пилоти минатата недела влегоа во естонскиот воздушен простор, НАТО итно реагираше – од базата на 50 километри од Талин беа подигнати два италијански ловци F-35, со кодни имиња „Ghost 1“ и „Ghost 2“. Ова беше дел од мисијата на НАТО „Baltic Eagle III“. Според The Telegraph, на моменти, судбината на меѓународните односи била во рацете на петмина – тројца руски и двајца италијански пилоти – кои немале радио-контакт.

Италијанските пилоти го спровеле стандардниот протокол за пресретнување, мавтајќи со крилјата, на што руските пилоти одговориле на ист начин. Потоа, еден од руските пилоти подигнал рака и пријателски мавнал.

Во следните 12 минути – невообичаено долг временски период за вакво нарушување – италијанските пилоти ги следеле трите руски МиГ-31 сè до Калининград. Во овој случај не дошло до конфликт и НАТО не отворил оган, иако руските авиони биле вооружени со ракети воздух-воздух.

НАТО во дилема: кога да се реагира со сила?

Инцидентот предизвика неколкудневна внатрешна расправа во НАТО околу прашањето: кога, каде и како треба да се повлече окинувачот? Потполковникот Гаетано Фарина, командант на италијанските воздухопловни сили во Естонија, изјави: „Навистина сме горди на тоа како реагираме секојпат.“

Естонија, Латвија и Литванија немаат свои борбени авиони, па НАТО го надгледува нивниот воздушен простор. Ова било седмо пресретнување во оваа ротација од 1 август, но првото што се случило над територијата на НАТО, а не над меѓународни води.

Провокации од Русија и нејасни правила на ангажман

Инцидентот се случува во контекст на зголемена руска активност — од дронски напади врз Полска, до затворање на аеродроми во Копенхаген и Осло, како и индикации за можен напад врз Молдавија во пресрет на изборите.

Естонија побара консултации според Членот 4 на НАТО поради нарушувањето. Главното прашање беше: „Што ако Русија го повтори тоа? И што ако следниот пат биде поагресивно?“

За разлика од Турција, која во 2015 обори руски авион по само 17 секунди од нарушувањето на нејзиниот воздушен простор, Естонија процени дека ситуацијата не бара „кинетички одговор“ – односно употреба на сила.

Естонија се вооружува, но останува без свои авиони

Иако руските авиони не биле вооружени за напади врз земјата и не се упатиле кон естонско копно, естонската влада останува на штрек. Земјата започна со сериозно воено зајакнување – се градат противтенковски ровови, се набавуваат далекуметни ракети и модерни ПВО системи. До 2029 година, Естонија ќе троши 5,4% од својот БДП на одбрана – најмногу во НАТО – но нема да купи свои борбени авиони. Ова значи дека одлуката за отворање оган останува во рацете на сојузот.

„Апсолутно сме уверени во нашата способност, заедно со сојузниците, да го одбраниме НАТО и ЕУ во овој регион“, изјави Јонатан Всевијов, државен секретар во Министерството за надворешни работи на Естонија. Тој додаде дека руските војници се „заглавени во Украина“.

Сивата зона: новото бојно поле

Наместо класична инвазија, Талин очекува зголемен притисок во таканаречената „сива зона“ — преку дезинформации и влијание врз руското малцинство. Во меѓувреме, Италија ја продолжи својата мисија во Естонија за уште еден месец, и за првпат распоредува напреден ПВО систем SAMP/T.

Додека пилотите F-35 секојдневно тренираат, во шумите близу базата стојат гробови на советски пилоти од Втората светска војна – тивок потсетник на минатите и потенцијалните идни конфликти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни