Ромалитико презентираше алармантен извештај за положбата на Ромите во Северна Македонија

Институтот за истражување и анализа на политики Ромалитико го претстави својот нов тригодишен проект „Надвор од бариерите: Резилиентност на Ромите на Западен Балкан“, финансиран од Европската Унија. Во рамките на проектот беше изработен Извештај во сенка за имплементацијата на јавните политики за Роми во Северна Македонија за периодот јули 2024 – февруари 2025 година. Извештајот беше презентиран пред претставници на институции, меѓународни организации, граѓански организации, донаторската заедница и медиуми. На новинарско прашање како изгледа положбата на Ромите во Северна Македонија во споредба со другите земји од Западен Балкан, претседателот на Ромалитико, Елвис Шаќири, изјави дека, и покрај поразителните резултати и бројни предизвици, Ромите во Северна Македонија се сè уште во подобра состојба отколку во некои соседни земји.едиумите.

Извештајот открива дека ромската заедница продолжува да се соочува со сериозни предизвици, особено во областите на вработување, образование, здравство, домување и граѓанска регистрација. Според податоците, околу 10.388 Роми се регистрирани како невработени во Агенцијата за вработување на Северна Македонија, од кои 93% се без завршено образование или со завршено основно образование. Голем дел од заедницата останува активен во неформалната економија.

Во сферата на образованието, само 1,3% од децата запишани во јавни градинки во учебната 2024/2025 година се Роми. Иако стапката на осипување е намалена, предизвиците поврзани со децата со попреченост, сегрегацијата и пристапот до образование за возрасни остануваат.

Во делот на здравството, 19 ромски здравствени медијатори беа активни во 2024 година, но буџетот за оваа програма е целосно укинат во 2025 година. Иако стапката на смртност кај ромските доенчиња е намалена, таа и понатаму е највисока во споредба со другите заедници. Недостигот на здравствено осигурување кај ромската популација е сериозен проблем.

Домувањето останува една од најкритичните области. Семејства со деца живеат во екстремно нехумани услови во објектот на ЈУ „Ранка Милановиќ“ во Скопје – без вода, струја и основни услови за живот. Дискриминацијата врз основа на етничка припадност останува системска, со 27% од пријавените случаи во 2024 година однесувајќи се на Ромите.

Според податоците од Министерството за финансии за 2024 година, вкупната реализација на буџетот за спроведување на Националната стратегија за Роми изнесува 91% од планираниот буџет. Сепак, загриженост постои поради потенцијалното влијание на кратењата врз ефективноста на програмите наменети за ромската заедница.

На новинарско прашање како изгледа положбата на Ромите во Северна Македонија во споредба со другите земји од Западен Балкан, претседателот на Ромалитико, Елвис Шаќири, изјави дека, и покрај поразителните резултати и бројни предизвици, Ромите во Северна Македонија се сè уште во подобра состојба отколку во некои соседни земји.

„Ова не значи дека треба да бидеме задоволни, туку дека постои потенцијал и основа врз која можеме да градиме. Тоа е она што ни дава надеж – дека со политичка волја, соработка и континуирана поддршка, состојбата навистина може да се подобри. Нашата цел е Ромите да живеат достоинствено, со еднаков пристап до образованието, здравството, пазарот на труд и домувањето, и да бидат целосно интегрирани во општеството,“ нагласи Бајрам.

Во рамките на проектот е формиран регионален колектив на организации, во кој членуваат повеќе од 50 организации од Северна Македонија, Албанија, Косово и други земји од Западен Балкан. Овој колектив има за цел да ги зајакне напорите за подобрување на положбата на Ромите во регионот.

Извештајот на Ромалитико претставува повик за итна акција од страна на институциите, граѓанските организации и меѓународната заедница за подобрување на условите за живот и интеграција на ромската заедница во Северна Македонија и регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни