Во свет каде што жените се сè уште изложени на големи ризици од насилство, од исклучително значење е да се размисли за улогата што инфраструктурата може да ја игра во создавањето побезбедни јавни простори. Родово чувствителната инфраструктура се однесува на јавни и приватни простори дизајнирани да ги задоволат потребите на сите, вклучувајќи ги и жените и девојчињата, овозможувајќи им движење без страв од насилство и притисок. Дополнително, родово чувствителната инфраструктура ја зема предвид безбедноста на жените и девојчињата во сите аспекти – од осветлување во паркови и јавни простори, па сè до достапност на јавен превоз. Овие мерки директно влијаат на намалување на ризиците од физички напад, демнење, сексуално вознемирување, злоупотреба и други разни форми на родово базирано насилство кои се наше секојдневие.
Инфраструктурниот сектор, кој сè уште е претежно машка област, најчесто ја третира инфраструктурата како родово неутрална.[1] Креаторите на политики и сопствениците на градежните компании недоволно го препознаваат родот како клучна и корисна компонента во одржливиот развој на инфраструктурата. Џејн Џејкобс, писателка, активистка и урбанистка, која го промени ликот на современиот урбанизам со своите јасни и оригинални погледи за урбаниот живот и неговите предизвици вели: „Градовите имаат способност да обезбедат нешто за секого, но само тогаш и само ако се создадени од секого.“ Но каква е реалноста кај нас? Темни улици, запуштени подземни премини, неосветлени паркинзи, нефункционален јавен превоз, непристапни тротоари, обраснати паркови и недостојни јавни тоалети.
Пред неколку месеци на улица Христо Татарчев во Кисела Вода се постави јавен тоалет на самиот тротоар кој не е поширок од 1,5 метар. Секако, беше поставен на единственото место каде што тротоарот е спуштен, со можност за поминување на велосипедист(к)и, родители со деца во колички, лица во инвалидски колички и сл. Претпоставувате и дека беше поставен така што кога ќе ја отворите вратата од внатрешна страна многу веројатно ќе удрите во лицето кое што пешачи или поминува со велосипед по тротоарот!? Ете баш тука се најде место за јавниот тоалет кој од своето поставување, па до отстранувањето беше неосветелен, неисчистен и нефункционален. Секој ден од неговото поставување се чудев како е возможно воопшто да не се размислува за различните потребите на жител(к)ите при поставување на нешто толку основно и потребно како јавен тоалет на место толку основно и потребно како тротоар?
Почнувајќи од себе како жена, никогаш не би влегла да го употребам овој јавен тоалет. Како и да е, не ни беше поставен за мене, односно нас жените. Беше поставен за градежните работници бидејќи од август до ноември се правеше реконструкција на улицата т.е. 5-7 дена во август и 2-3 дена во ноември кога конечно доби асфалт. Четири месеци беше пренасочен сообраќајот на автобусите, кои иако не така достапни, ја имаат оваа рута и во најголем дел се користат од жени. Две автобуски постојки беа целосно исклучени, а автобусите пренасочени, што ги приморуваше жените кои живеат во овој дел (речиси центарот на градот), кој меѓудругото е пренаселен, да пешачат и по еден километар до своите домови. Среќа во несреќа, по 4 месеци повторно имаме слободен тротоар и сега веќе еден несреќен и осамен јавен тоалет кој ја поминал улицата и застанал во темниот парк од спроти, сè уште чекајќи некоја жена конечно да го употреби. Иако ова делува како навидум изолиран случај, состојбата не е ни малку позавидна во другите населби, градови и села во државата.
Неосветлените паркинзи и автобуски постојки се честа слика во Скопје. Дали можете да замислите како се чувствува една жена која влегува во повеќекатниот паркинг, во зградата која доби награда за најдобар дизајн, а внатре нема светло и лифтовите почесто не работат отколку што работат? Дали можете да замислите како се чувствува една девојка во Скопје која после 40 минути чекање, треба да влезе во преполн автобус и одзади ја притиска и допира, односно сексуално ја вознемирува насилник, кој во таа гужва ќе помине незабележан и ќе има совршен изговор, а девојката ќе биде луда што се побунила? Недостатокот на јавен превоз во главниот град е повеќе од познат, но колку знаеме за недостатокот на директни линии кои ги поврзуваат помалите градови со поголемите, односно главниот град Скопје? Општина Делчево е една од општините која со години нема автобуска станица и нема меѓуградски превоз, додека голем дел од руралните населени места немаат никаков јавен превоз до поголемите градови, каде ги остваруваат своите потреби и права.
Неодамна, спроведувајќи едно теренско истражување во општина Битола, дојдов до сознание дека со месеци се прави реконструкција токму на улицата каде се наоѓа дневниот центар за лица со церебрална парализа. Претпоставувате, така? Ископана улица, кал, дупки и секако никаква соодветна привремена рампа за влез. Дополнително, иако јавните институции се законски обврзани да овозможат пристап за сите лица со попреченост до своите канцеларии, сепак во реалноста пристапноста е на незавидно ниво.[2] Во општина Свети Николе нема ниту една светилка околу шелтер центарот за жени жртви на родово базирано насилство кој се наоѓа во помалку прометен дел од градот и за жал познат за сторителите на насилство. Центарот, веќе две години не функционира поради штети настанати од поплава. Во општина Тетово, функционира само еден дом за стари лица, а Полошкиот регион е еден од најисселените региони од страна на младите лица во државата.
Веројатно сите овие примери би биле родово неутрални и би ги погодувале сите граѓани подеднакво да не постоеа родовите улоги и длабоко вкоренетите патријархални хетеронормативни матрици на однесување во државата. Непостоењето на родово чувствителна инфраструктура диспропорционално ги погодува жените – особено кога станува збор за насилство во јавните простори. Истражување спроведено во рамки на проектот „Низ женски леќи“ во 2024 година, покажа дека 67% од испитаничките се плашат да поминуваат навечер низ несоветелни јавни простори во нивните населени места, наспроти 87% испитаници кои воопшто не се плашат.[3] Според податоците од Пописот во 2021 година, јавниот превоз, односно автобусите како превозно средство за стигање до училиште и работа со 68% од патниците ги сочинуваат жените. Недостатокот на редовни автобуси и нивната пренатрупаност дополнително создава простор за сексуално вознемирување во јавниот превоз.[4] Сексуалното вознемирување во јавните простори претставува сериозен проблем што директно го ограничува правото на слободно движење и го нарушува чувството на лична сигурност. Оваа појава не само што создава страв и непријатност кај оние (жени и девојки) кои се изложени на вознемирување, туку го доведува во прашање и нивниот физички, емоционален и психолошки интегритет. Дополнително, сексуалното вознемирување придонесува за ширење на нееднаквостите и го спречува целосното и рамноправното учество на жените во јавниот живот и простор.
Мајките се најчесто главните негувателки и поддржувачки фигури на децата и лицата со попреченост. Во оваа улога, мајките често се соочуваат со големи предизвици, бидејќи родовите улоги и стереотипи ги ставаат во позиција каде што целата одговорност паѓа врз нив.[5] Покрај тоа, родово нечувствителните инфраструктури дополнително го влошуваат нивното секојдневие, бидејќи не обезбедуваат соодветни услови за мобилност, пристапност и грижа за децата со попреченост. Недостигот на инклузивни и функционални јавни простори, нефлексибилни транспортни системи, како и неприлагодените образовни и здравствени услуги, не се само прашање на нееднаквост, туку претставуваат форма на системско насилство врз жените и семејствата кои се грижат за деца/лица со попреченост. Ова насилство се манифестира преку игнорирање на нивните потреби, маргинализација и дополнително оптоварување со обврски кои можат да бидат олеснети преку соодветни инфраструктурни решенија.
Неодамна, новоформираната Влада на состанокот за подготовка на новата Рамка за соработка за одржлив развој (2026-2030) меѓу Обединетите нации и Северна Македонија се обврза да го забрза напредокот кон Целите за одржлив развој, а со тоа и да се подобрат условите за живот на сите граѓани.[6] Дел од Целите за одржлив развој кои се исклучително значајни за безбедноста и пристапноста на жените во и до јавните простори се Цел 5 и Цел 11.
Цел 5 – Родова еднаквост – Да се постигне родова еднаквост и еманципација на жените и девојчињата.
Таргет 5.2 – Да се елиминираат сите форми на насилство врз жени и девојчиња во јавната и во приватната сфера, вклучително и трговијата со луѓе, сексуална и друг вид експлоатација
Цел 11 – Одржливи градови и заедници – Да се создадат градови и населби кои се инклузивни, безбедни, отпорни и одржливи.
Таргет 11.7 – До 2030 година, да се обезбеди универзален пристап до безбедни, инклузивни и достапни зелени и јавни простори, особено за жените и децата, повозрасните лица и лицата со попреченост.
*Цели за одржлив развој на Обединетите нации во Северна Македонија[7]
Покрај ова ветување дадено од власта, важно е да се истакне дека уредувањето и хуманизацијата на просторот е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија. Родово чувствителното планирање на инфраструктурата претставува важен чекор кон постигнување на побезбедна и похумана средина за сите, особено за жените и девојчињата. Добро осветлени патеки, прегледни паркинг-простори, транспарентни јавни објекти и достапни и пристапни сервиси за поддршка и заштита на жените, старите лица и лицата со попреченост можат да бидат клучни елементи во намалувањето на насилството. Доколку навистина сакаме да создадеме инклузивни заедници, неопходно е да се промовираат родово чувствителни практики во урбаното планирање и да се зголемат напорите за интегрирање на родово чувствителни мерки во сите фази на градежните и урбанистички проекти. Покрај намалувањето на насилството, родово чувствителната инфраструктура овозможува подобро чувство на слобода и сигурност за жените и девојчињата, зголемувајќи ја нивната мобилност, економската независност и учество во јавниот живот.
[1] https://emsdialogues.org/wp-content/uploads/2020/11/The-Solutions-Lab_Gender-responsive-Infrastructure_Thematic-Brief.pdf
[2] https://www.slobodnaevropa.mk/a/%D0%BF%D1%80%D0%B5%D1%81%D1%83%D0%B4%D0%B0—%D0%B4%D1%80%D0%B6%D0%B0%D0%B2%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%B3%D0%B8-%D0%B4%D0%B8%D1%81%D0%BA%D1%80%D0%B8%D0%BC%D0%B8%D0%BD%D0%B8%D1%80%D0%B0%D0%BB%D0%B0-%D0%BB%D0%B8%D1%86%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D1%81%D0%BE-%D0%BF%D0%BE%D0%BF%D1%80%D0%B5%D1%87%D0%B5%D0%BD%D0%BE%D1%81%D1%82-/32021040.html
[3] https://www.facebook.com/photo.php?fbid=925370742956461&set=pb.100064506317549.-2207520000&type=3&locale=mk_MK
[4] https://www.slobodenpecat.mk/seksualno-voznemiruvane-nasilnichko-odnesuvane-etnichka-i-verska-diskriminaczija-shto-se-sluchuva-vo-avtobusite-na-jsp/
[5] Zulfia, Rahmatuz, Allenidekania, Allenidekania. Mother’s Experience in Caring for Children with Special Needs: A Literature Review.Indonesian Journal of Disability Studies, достапно на https://www.researchgate.net/publication/342322530_Mother’s_Experience_in_Caring_for_Children_with_Special_Needs_A_Literature_Review
[6] https://biznisvesti.mk/sostanok-za-podgotovka-na-novata-ramka-za-sorabotka-za-odrzhliv-razvoj-2026-2030-pomegu-obedinetite-natsii-i-severna-makedonija/
[7] https://northmacedonia.un.org/mk/sdgs
Пишува: Љупка Трајановска, истражувачка