Roblox, Discord – ризиците и онлајн безбедноста на децата

Трагедијата на петнаесетгодишниот Итан Далас од САД ја отвора темата за тоа колку дигиталните платформи се безбедни за младите и како родителите можат подобро да ги заштитат своите деца
pvproductions / Freepik

Во САД беше покрената тужба која би можела да ја промени перцепцијата за одговорноста на големите дигитални платформи. Бека Далас ја тужи компанијата зад видеоиграта Roblox, обвинувајќи ја дека не успеала да го заштити нејзиниот син. Петнаесетгодишниот Итан Далас во април 2024 си го одзеде животот, по што неговото семејство дозна дека зад „пријателот“ што го запознал во играта – лик кој се претставувал како дете – стоел возрасен маж уапсен под сомнение за поседување и дистрибуција на детска порнографија, како што известува Њујорк тајмс.

Итан уште како дете ја играл популарната видеоигра Roblox. Таму запознал играч кој му се претставил како негов врсник. Со тек на време нивната комуникација се префрлила на Discord, а „Нат“ успеал да го убеди Итан да ги исклучи родителските контроли и да влезе во приватни разговори што станале манипулативни и вознемирувачки. Во декември 2023 момчето ѝ признало на својата мајка што се случувало, но неколку месеци подоцна, не успевајќи да се справи со притисокот, извршило самоубиство.

Оваа трагедија ја отвори дилемата за тоа колку дигиталните платформи се одговорни за безбедноста на децата. Правните експерти сметаат дека тужбата против Roblox би можела да постави нови стандарди, бидејќи ќе се одлучува дали компаниите треба да бидат подложни на строга одговорност за пропустите кои овозможуваат злоупотреба на нивните најмлади корисници.

Приказната на Итан е болна, но и поучна. Таа нè потсетува дека зад секој дигитален профил може да се крие вистинска закана и дека разговорот меѓу родители и деца за онлајн искуствата не смее да биде табу. Исклучувањето на родителските контроли, промени во расположението, повлекување и изливи на гнев се знаци кои бараат итна реакција и професионална поддршка.

По претрага на интернет, успеавме да најдеме дека во Македонија, децата и младите можат да побараат помош преку „АлоБушавко“ – СОС телефонот при Првата детска амбасада Меѓаши. Линијата работи 24/7, обезбедува доверливост и анонимност, а според полугодишниот извештај за 2025 година најголем дел од пријавите се однесуваат на менталното здравје. Тоа јасно покажува колку вакви сервиси се значајни за младите, иако јавноста сè уште е слабо запознаена со нивното постоење. Дополнителен предизвик е што функционирањето на ваквите линии често зависи од проектни активности на невладини организации, што ги прави ранливи и недоволно видливи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни