Револуционерна метода: Магнетни наночестички го обновуваат оштетениот мозок

Прекинатите врски меѓу мозочните клетки се еден од главните проблеми кај многу невродегенеративни болести, вклучувајќи ја и Паркинсоновата болест. Но, научниците сега претставија иновативна техника што носи нова надеж за пациентите – магнетно „нано-влечење“, објави Science Alert.

Како функционира „нано-влечењето“?

Тим предводен од биологот Сара Де Винчентис од Универзитетот во Пиза, користел мини-мозоци создадени во лабораторија за да ја тестира оваа револуционерна метода. Со помош на ситни магнетни наночестички, управувани преку магнетни полиња, научниците успеале да ги насочат аксоните (нервни влакна) и да ги стимулираат повторно да се поврзат.

Овој пристап, со понатамошен развој, може да помогне во обновата на нигростријаталниот пат – клучна нервна врска одговорна за моториката, која е нарушена кај лицата со Паркинсонова болест.

„Истражувањето покажува дека нано-влечењето има потенцијал како нова техника за прецизна регенерација на нервните врски во централниот нервен систем“, наведуваат истражувачите.

Чекор поблиску до лек за Паркинсонова болест

Паркинсоновата болест се поврзува со оштетување на мозочните клетки што произведуваат допамин. Досегашните обиди за трансплантација на такви клетки покажаа одреден успех, но новите клетки често не успеваат да воспостават врска со постоечкото ткиво.

Техниката на нежно „влечење“ со магнетни наночестички може да го реши овој проблем, насочувајќи ги нервните влакна на точното место и забрзувајќи ја повторната поврзаност на невроните.

Експериментите покажале дека нано-влечењето:

  • ја зголемува должината на аксоните,
  • ги насочува правилно,
  • поттикнува создавање нови разграноци и
  • овозможува подобро формирање на синапси – врските меѓу нервните клетки.

Безбедност и иднина на методата

Како дополнителен плус, научниците нагласуваат дека магнетните наночестички веќе се одобрени за медицинска употреба, на пример во магнетна резонанца (MRI), и не предизвикале никакви оштетувања кај лабораториските мини-мозоци.

Иако сè уште не постои целосен лек за Паркинсоновата болест, науката прави големи чекори во разбирањето на нејзините причинители и во развој на нови третмани. Главниот фокус е заштитата и обновата на мозочните функции, како и стимулација на природното производство на допамин.

„Паркинсоновата болест е втора најчеста невродегенеративна болест поврзана со стареењето во светот“, предупредуваат научниците. Бројот на заболени се има удвоено во последните 25 години, а прогнозите се алармантни: до 2040 година се очекуваат дури 13 милиони пациенти на глобално ниво.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни