Реновирањето на париската катедрала Нотр Дам, кое траеше повеќе од пет години, беше одбележано со чудни настани, но и со контроверзи. Пред свеченото отворање на катедралата, денеска, во сабота, еве неколку клучни моменти.
Спасители
Париските пожарникари беа пофалени за нивната брза и решителна акција вечерта на 15 април 2019 година, а нивните команданти подоцна изјавија дека мислеле оти само 30 минути ги дели уривањето на градбата. Борејќи се со чадот и соочувајќи се со ризикот да паднат урнатини, тие формирале човечки синџир заедно со црковните службеници за да ги спасат највредните ракотворби и религиозни богатства, со што помогнаа да се зачува најголемиот дел од незаменливиот инвентар на катедралата. Други, видоа божествена интервенција во начинот на кој бакарна статуа на петел, која стоеше на врвот на запалената кула од 19 век, беше пронајдена недопрена среде јагленисани урнатини. Петелот сега е изложен во париски музеј.
Преживеале и неколку реликвии, вклучително и парче од круната од трње што наводно ја носел Исус пред неговото распнување. Внатре во катедралата, на фотографиите направени еден ден по пожарот се гледа огромен златен крст на олтарот, оставен да стои опкружен со отпад што тлее, симбол на надеж и пркос за многумина во мрачниот ден за христијаните и за целата земја.
Спорен архитектонски конкурс
Францускиот претседател Емануел Макрон, тогаш, го нарече пожарот „можност за обединување“, но чувството за национално единство набрзо исчезна по катастрофата. Неговиот предлог да се вклучи „елемент на современата архитектура“ во реновирањето веднаш предизвика критики од конзервативците кои бараа реконструкцијата да остане верна на последната голема надградба на архитектот Јуџин Виоле-ле-Дук од 1844 година. Воениот генерал задолжен за реконструкцијата јавно не се согласуваше со главниот архитект за прашањето за редизајн, а апликациите за архитектонски конкурс за избор на нова кула доведоа до непријатни извештаи во медиумите. Еден предлог што првата дама Брижит Макрон и го покажа на тогашната министерка за култура Розелин Башело, наликува на „фалус со пиедестал опкружен со златни топки“, напиша Башело во книгата.
Конечно, направена е реплика на старата кула. Ќе бидат поставени шест нови витражни прозорци со дела од современи уметници, што е скромна отстапка за оригиналната визија на Макрон.
Контаминација со олово
Покривот и кулата на катедралата беа покриени со приближно 400 тони олово, штетен тежок метал кој се стопи и испари поради топлината на огнот, од кои некои експерти, сметаа дека ја контаминирале околината. Властите ги расчистија околните училишта и ги советуваа локалните жители да ги избришат површините во своите домови поради ризикот од труење.