Разговор со мајсторот на криминалистичкиот роман Ахмет Умит вечерва на „Букстар“

Разговор со светски познатиот турски писател Ахмет Умит, мајстор на модерниот криминалистички роман, ќе се одржи вечерва во рамки на фестивалот на европска литература „Букстар“ во Салон 19.19 во Културно-информативниот центар со почеток во 19:19 часот.

Модератор на настанот ќе биде Јордан Коцевски.

Умит ќе зборува за своето богато творештво, инспирациите зад неговите книги и за улогата на книжевноста во општеството. Од поезијата и расказите до романите што стекнаа култен статус и беа адаптирани во филмови и серии, Умит остава длабока трага во современата литература. Во разговорот ќе се отвори и прашањето за поврзаноста меѓу историјата, културата и урбаните митови во неговите дела, како и за глобалниот одѕив на неговата проза, преведена на повеќе од триесет јазици.

Ахмет Умит е роден во Газијантеп (Турција) во 1960 година. Дипломирал на Катедрата за јавна администрација при Универзитетот „Мармара“. Во периодот 1985–1986 година студирал политикологија на Академијата за општествени науки во Москва. Неговата прва книга е збирка поезија, објавена во 1989 година. Во 1992 ја објавува својата прва книга раскази. Следуваат неколку збирки детективски раскази. Неговиот прв роман „Магла и ноќ“ (1996) се смета за ремек-дело на детективската книжевност. Умит е автор и на графички романи со инспекторот Невзат. Филмот „Збогум, моја убава татковино“ е направен според негово сценарио. Делата му се преведени на триесет и седум различни јазици и достигнале огромна меѓународна читателска публика. Многу од книгите му се адаптирани во филмови и телевизиски серии, а некои од нив и како театарски претстави. Бил и водител на ТВ-емисијата „Градот во кој живееш“ (Yaşadığın Şehir), посветена на подигнување на свеста за урбаната култура, зачувување на историјата на градовите и развој на мултикултурализмот. Во 2006 година, благодарение на романите „Патасана“ и „Белезијата на Нината“, бил избран за член на Турскиот институт за антиквитети, а во 2023 бил избран за член на Германскиот археолошки институт.

Денес ќе се одржи и книжевно читање во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ со почеток во 12 часот, насловено „За писателцките работи“. Замислено како мешавина од домашна и странска енергија во синергија, читањето на десетината автори и годинава ја истакнува разноликоста на гласови и стилови на „Букстар“. Збирот од автори ќе читаат извадок од своето дело на својот мајчин јазик, доловувајќи ја суштината, како на нивните уметнички дела, така и на културата од каде што доаѓаат.

Странски учесници се Шоле Резазаде (Холандија/Иран), Серај Шахинер (Турција), Онджеј Штиндл (Чешка), Ахмет Умит (Турција), Мајнхард Раухенштајнер (Австрија), додека домашни учесници се Блаже Миневски, Александар Прокопиев, Калина Малеска, Ермис Лафазановски, Михајло Свидерски, Иван Антоновски и Дијана Петрова.

Настанот ќе го води Тијана Милиќ и е реализиран во соработка со Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.

Во текот на вчерашниот ден, пак, вториот фестивалски ден, се одржаа инвентивни и интересни разговори. Во првиот дел од фестивалската вечер публиката можеше да ги чуе македонските автори Калина Малеска, Жарко Кујунџиски, Михајло Свидерски, Дијана Петрова и Иван Антоновски.

На дебатата се отворија мошне сериозни прашања: Што значи да се биде писател денес? Дали книжевната работа може да се сфати како професија, или таа останува во полето на ентузијазмот и страста за пишување? Во какви (не)прилики вегетира домашната литература? На кои обврски и права подлежи македонскиот писател? Овој панел ја отвори темата за писателските работи во најширока смисла – од создавањето на делото до неговиот пат кон читателот. Посебно внимание се посвети на предизвиците со кои се соочуваат авторите: финансиската неизвесност, ограничениот пазар, недоволната поддршка за промоција и преводи, како и соработката со издавачите. Панелотот го отвори и прашања за хонорарите – како се вреднува писателската работа, што значи фер-надомест, како се пресметува процент од продажба и како се создава систем во кој пишувањето може да стане професија.

Во вториот дел на вечерта публиката можеше да го чуе разговорот меѓу авторите Шоле Резазаде (Холандија/Иран) и Онджеј Штиндл (Чешка). Модератор на настанот беше Александар Маџаровски

Шоле Резазаде, иранско-холандска писателка и поетеса говореше за романот „Знам планина што ме чека“, за бегството од градската брзина и за трагањето по простор за душата, за нејзините приказни што се мост меѓу два света – Западна Европа и Блискиот Исток.

Онджеј Штиндл, чешки романсиер и сценарист, отвори психолошка и филозофска анализа на животот во сенката на глобална криза, каде што пандемијата станува катализатор за преиспитување на смислата на постоењето, љубовта и загубата.

Во текот на вчерашниот ден се одржа и поткаст „Гол ручек“ со Душко Крстевски и годинешниот добитник на наградата „Букстар“, Блаже Миневски.

Утре е последниот фестивалски ден на „Букстар“, а публиката ќе има можност да присуствува на еден ексклузивен настан „На кафе со Ахмет Умит“, кој ќе се одржи во „Рамстор мол“ со почеток во 12 часот. Вљубениците во крими-романите ќе имаат можност да добијат автограм, да се фотографираат и да разговараат со овој автор со светска слава.

На Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, со почеток во 10:30 часот ќе биде соопштена и доделена наградата за најдобар книжевен превод на македонски јазик, „Драги“.

Тричлената комисија за доделувањето на наградата „Драги“ ја сочинуваат д-р Анастасија Ѓурчинова (претседател), д-р Јана Михајловска, и Иван Шопов (членови). Петте финалисти за 2025 година се Ермис Лафазановски за преводот од романски јазик на „Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак, издание на „Три“, 2024 година; Јасминка Марковска за преводот од норвешки јазик на „Утро и вечер“ од Јун Фосе, издание на „Артконект“, 2024 година; Калина Малеска за преводот од англиски јазик на „Слобода: созревање на крајот на историјата“ од Леа Ипи, издание на „Или-или“, 2024 година; Лидија Танушевска за преводот од полски јазик на „Емпусион“ од Олга Токарчук, издание на „Антолог“, 2025 година и Милан Дамјановски за преводот од англиски јазик на „Десет раскази“ од О. Хенри, издание на „Светла комора“, 2024 година.

Фестивалот ќе заврши со книжевниот настан „Правда за кратката проза!“, кој ќе се одржи во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток во 18 часот, а на кој ќе бидат учесници Мајнхард Раухенштајнер (Австрија), Владимир Мартиновски, Сања Михајловиќ-Костадиновска и Иван Шопов. Модератор ќе биде Владимир Јанковски.

Годинашниот фестивалски слоган на „Букстар“ гласи „За писателцките работи“, а својот корен го има во делото на Крсте Мисирков (1874 – 1926), во пресрет на јубилејот сто години од неговата смрт (2026).

Дизајнот на плакатот е дело на Гордана Вренцоска.

Фестивалот „Букстар“ е поддржан од Министерството за култура и туризам, Комерцијална банка и издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања се реализирани и со поддршка на Наградата за литература на Европската Унија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Чешка, како и на Чешкиот литературен центар. Официјален фестивалски пијалак е „Скопско“. Медиумски покровител на настанот е Македонската радио телевизија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни