Путин, кешот и оружјето ја тераат Швајцарија да ја преиспита својата политика на неутралност

Швајцарија не сака да се меша во војните, но сака да прави пари. Битката помеѓу овие вредности, но и грижата дека рускиот претседател Владимир Путин е ризик за цела Европа, ја тера Швајцарија да размисли повторно за нејзината одбранбена позиција.

Во извештај објавен во четвртокот, група експерти ја советуваат владата дека Швајцарија, која е неутрална од 1515 година, треба да работи на „заедничка одбранбена способност“ со ЕУ и НАТО.

„По рускиот напад на Украина, неутралноста повторно е тема на политичка дебата и дома и во странство. Притисокот на Швајцарија да ја појасни позицијата расте“ се вели во извештајот во кој се бара ревизија на политиката на неутралност.

Една од причините за менување на оваа политика е и тоа како неутралноста на Швајцарија влијае врз продажбата на оружје, а друга е како подобро да се заштити државата.

Потенцијалното менување на политиката на енутралност е уште еден знак за тоа како руската инвазија на Украина од 2022 година ја менува Европа и нејзината безбедност. Неиспровоцираниот напад ги натера Шведска и Финска да се откажат од неутралноста и да се приклучат на НАТО.

Експертите кои го подготвувале извештајот вклучуваат дипломати, политичари, поранешни генерали од швајцарската армија и Волфганг Ишингер, поранешен директор на Минхенската безбедносна конференција. Наодите од извештајот тие ги презентирале на Министерката за одбрана и безбедност на Швајцарија, Виола Амхерд, која е исто така и претседателка на државата оваа година.

Извозот на оружје од Швајцарија минатата година опаднал за 27 отсто, на помалку од 700 милиони швајцарски франци, споредено со 2022 година, поради строгите одредби за извоз на оружје и на тоа што претходно Катар набавуваше системи за противвозудшна одбрана за организацијата на Светското првенство во фудбал во 2022 година.

Согласно швајцарските закони, државата не смее да продава оружје на држави кои се во војна, што има ефект и на односите со други држави кои сакаат да испратат оружје во Украина, кое има швајцарски компоненти.

„Забраната за реизвоз на оружјето мора да биде тргната“ се вели во извештајот.

Швајцарија го блокираше давањето оружје и муниција на Украина од страна на неколку европски земји. Потребни беа месеци притисок за Швајцарија да се согласи да се испратат вишокот Леопард тенкови во Германија, со цел да се заменат тие кои беа испратени во Украина. Со тоа што Швајцарија забранува муниција произведена во оваа земја, а купена од другите да се извезува во Украина, ги натера германските компании да го зголемат производството на муниција.

Експертите исто така сметаат дека швајцарската индустрија за оружје ќе зајакне дококлу добие пристап до програмите за вооружување на ЕУ и НАТО.

Извештајот го следеа контроверзии уште пред да биде објавен, бидејќи опозициските партии ја обвинија Амхерд дека ангажирала НАТО и ЕУ ентузијасти во експертскиот комитет.

Се очекува овој извештај да добие критики и во швајцарскиот Парламент, особено од пацифистичките левичарски партии и националистичката крајна десница. Амхерд е веќе критикувана поради блиските односи на Швајцарија со НАТО.

„Извештајот јасно истакнува дека Швајцарија е западна држава и поради тоа мора да ги поддржува западните вредности“ вели Жан-Марк Рикли од Центарот за безбедносна политика од Женева.

Сепак, повикот да се зголеми воената соработка со НАТО и ЕУ ќе отвори голема дебата во Швајцарија, додава тој, согласувајќи се дека извештајот ќе биде „експлозивен“ во земјата.

Експертите, сепак, не сугерираат Швајцарија целосно да се откаже од неутралноста и да пристапи во НАТО, но бараат подлабоки врски со воениот сојуз и со ЕУ преку заеднички тренинзи, заедничка одбрана против балистички ракети и билатерални и мултилатерални вежби.

Извештајот исто така бара и потрошувањето за одбрана да се зголеми на 1 отсто од БДП до 2030 година. Швајцарија во моментов троши 0,76 отсто од БДП на одбрана – многу помалку од сите НАТО земји, освен Исланд, држава која нема своја армија.

Иако Швајцарија не е мета за да биде воено нападната, таа е цел на хибридната војна која вклучува дезинформации, шпионажа и сајбернапади. Експертите препорачуваат движење кон „глобалната одбрана“, што значи подготвување на целото општество, а не само на војската, за потенцијален конфликт.

Изминатите месеци, швајцарскиот федерален совет, кој ја води државата, сигнализираше подготвеност за соработка со НАТО и ЕУ за безбедносни прашања.

Во средата, швајцарска делегација отпатува во Луксембург да се сретне со Агенцијата за поддршка и набавки на НАТО. Една од целите на состанокот била да се проценат потенцијалните можности за соработка.

Минатиот месец, федералниот совет исто така одобри и учество на два проекти од Постојаната структурна соработка на ЕУ, еден за воена мобилност, што цели да ги олесни преминувањата на границите и еден за сајбербезбедност.

Извор: Политико

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни