Први во Европа, единаесетти во свет!

Скопје ова утро го презема првото место како најзагаден град во Европа и 11-ти во светот според податоците од „IQAir“, глобална платформа за мерење на квалитетот на воздухот. Со индекс на загаденост од 166, Скопје се наоѓа во категоријата на високо загадени градови, што значи сериозна опасност за здравјето на граѓаните.

На глобално ниво, Делхи во Индија се наоѓа на врвот на оваа листа, следен од Лахор, Вухан, Карачи и други големи мегалополиси. Скопје, единствениот европски град меѓу најзагадените на светот, продолжува да се бори со сериозните последици од загадувањето.

Граѓанските организации веќе долго време алармираат за сериозноста на проблемот и минатиот месец излегоа на протестен марш, побарувајќи итни и ефикасни мерки. Проблемот не е само локален – Светската банка предупредува дека загадувањето на воздухот годишно предизвикува смрт на околу 2.800 луѓе во Македонија, а најголемиот дел од нив се од Скопје и Тетово.

Владата, пак, објави Акциски план со краткорочни мерки за решавање на проблемот, како што се засилени контроли, забрани и замена на загадувачките енергенти. За да се намали загадувањето од сообраќајот, во тек е набавка на стотина електрични автобуси за јавниот превоз. Дополнително, планирани се когенеративни централи за производство на енергија, кои треба да го намалат користењето на дрва и нафта за затоплување.

Иако плановите звучат охрабрувачки, граѓаните бараат побрзи и поефикасни решенија, бидејќи загадувањето продолжува да го загрозува нивното здравје и секојдневен живот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни