Европската унија усвои 17-ти пакет санкции против Русија, насочен кон зголемување на притисокот врз Москва поради одбивањето да прифати предлог за безусловен 30-дневен прекин на огнот и продолжување на војната во Украина. Пакетот е договорен на состанокот на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ, одржан на 14 мај, и се очекува формално да биде одобрен од министрите за надворешни работи следната недела.
Оваа мерка доаѓа како реакција на тоа што Кремљ не покажува подготвеност за мировни преговори, и покрај повиците од Белата куќа и иницијативата „Коалиција на подготвените“. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, директно го предизвика рускиот претседател Владимир Путин да се појави на мировни преговори во Турција – формат што го поддржува и Доналд Трамп. Путин сè уште нема потврдено дали ќе отпатува во Истанбул.
„Ако Путин не дојде и продолжи да игра игри, тоа ќе биде дефинитивен доказ дека не сака да стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Што содржи новиот пакет санкции?
Овој 17-ти пакет посебно се фокусира на т.н. „сенка флота“ – мрежа од стари, нерегистрирани и неосигурани танкери кои Русија ги користи за да ги заобиколи забраните за извоз на нафта. Карактеристично е нивното исклучување на навигациските уреди, лажни информации за движење и трансфери од брод на брод за сокривање на потеклото на нафтата.
Досега, ЕУ веќе санкционираше 153 вакви танкери, а новиот пакет додава уште 189 пловила, со што бројот на санкционирани руски бродови надминува 350, пишува Financial Times.
Покрај танкерите, на црната листа се додадени уште 75 физички и правни лица, поврзани со руската воена индустрија. Вклучени се и фирми од трети земји за кои се верува дека ѝ помагаат на Русија да ги заобиколи санкциите преку извоз на двојна технологија – производи што може да се користат и во цивилни и воени цели.
Меѓу санкционираните се најдоа и компании од Србија, Турција, Обединетите Арапски Емирати, Виетнам и Узбекистан, потврдија извори од Брисел. Ова е првпат некоја виетнамска компанија да биде санкционирана од страна на ЕУ поради соработка со Кремљ.
Србија, иако кандидат за членство во Европската унија, повторно е остро критикувана од Брисел и дел од земјите-членки поради одбивањето да се усогласи со санкциите против Русија.