Проектот „Простори на конјункција“ ја утврдува уметноста како динамичен простор во кој интимните, лични фрагменти се преплетуваат со колективните мемории и културни матрици како театар на тензија и симбиоза. Оваа изложба ги истражува кревката граница меѓу малите приказни од интимниот свет на индивидуата и големите наративи – широка, сложена мрежа на големите историски и културни наративи – концепт што произлегува од Жан-Франсоа Лиотар и неговата критика на „метанаративите“.
Според Лиотар, во постмодерната ера ја губиме довербата во „големите наративи“ (metanarratives), па просторот за вистина се отвора низ различни „мали наративи“ (petits récits). Преку ваквата леќа, делата во оваа изложба ја рефлектираат потенцијалната тензија меѓу општественото и поединечното, не како конфликт туку како конјукција – потрага по нови рамки во која придонесуваат индивидуалните сеќавања, а притоа не се преплавени од колективната меморија.




Низ графика, цртеж, фотографија, видео, објект, колаж, уметниците не само што раскажуваат приказни туку градат мултимедијални платформи во кои секој медиум станува посебен канал за конјункција. Различните техники не функционираат само како формални избори, туку како активни стратегии за премостување на личното и колективното.
Границите – како физички и симболички линии – се прикажани преку разни материјали и медиуми. Tие се дистинкции, но и порти. Живееме во култура во која колективната меморија често ја засенува поединечноста. Повторувачки обрасци, текстури и клонирани форми речиси ги „колективизираат“ индивидуалните искуства. Ова е едно интригантно испитување на хомогеноста и нејзиното ограничување низ визуелен јазик кој го провоцира чувството на истоветност во локалната и во глобалната меморија. Роберт Јанкулоски и Кристина Пулејкова, на пример, преку фотографија и видео ги отвораат прашањата за вистинитоста и фикцијата (спекулативноста) во современата визуелна култура. Велимир Жерновски и Георги Господов со мануелни и дигитални интервенции (преку материјалноста и тактилноста на објектот кај Жерновски или анимираното видео кај Господов) креираат алтернативни мапи на меморија – со внимателно конструирани детали и текстурирани површини што ги поттикнуваат гледачите на интимна археологија.




Деконструкцијата, како што ја предложува Жак Дерида, овде се остварува преку методи на фрагментација, цртеж и видео. Моника Мотеска, Дарко Алексоски и Методи Ангелов-Мето, преку кршење на формата и составување на неочекувани визуелни хибриди, ја проблематизираат стабилноста на визуелните и мемориските записи. Тие дејствуваат на релацијата меѓу целината и фрагментот – разградувајќи го наративот за да го изградат одново во форма на „колаж“ или објект што одбива еднозначно читање.
Глобалната амнезија и идејата за лажна меморија го предизвикуваат начинот на кој се формира колективната меморија во дигиталната ера. Како што предупредува Лиотар, губиме надмоќни, сеопфатни наративи – но тоа е и можност за градење помали, критички форми на значење. Преку комбинирани медиуми и дигитални манипулации, Шќипе Мехмети и Ирена Паскали создаваат дела што се двоумат помеѓу документ и фикција – евоцирајќи ги кршливите граници помеѓу автентичното и конструираното сеќавање. Мултимедијалноста во овој проект е клучна алатка за продлабочување на критичкото читање, па оттука Михаела Јовановска, преку транспарентноста на медиумот и преку слоевитоста, игра со повторувањето и варијациите – како визуелна метафора за колективната истоветност што истовремено унифицира и брише индивидуални траги.
Во оваа изложба уметниците стануваат посредници меѓу фрагментите – личните фотосеќавања, гласови или празнини – и нивното вкрстување со меморијата на јавниот простор. Славица Јанешлиева, со својата суптилна работа што комбинира графика, текст, цртеж и објекти, истражува како наративите се распарчуваат и се преобликуваат низ лични архиви. Ѓорѓе Јовановиќ, Александар Станковски и Иванчо Талевски ги користат цртежот и фотографијата за да материјализираат идеи за траење и распаѓање, додека Жанета Вангели и Верица Ковачевска внесуваат чувствителна поетика низ објект и фотографија (видео), при што секоја линија и трага го следи пулсот на сеќавањето.
Марија Сотировска и Кристијан Јовановски ги ангажираат текстурираните повторувања (текст, трансформирано сеќавање) за да поттикнат визуелен дијалог за колективната меморија. Игор Сековски, пак, преку скулптурално концентрирана фрагментираност, отвора прашања за дехуманизацијата на колективот за индивидуални цели.
„Простори на конјункција (спојување)“ е повеќеслојна мултимедијална мрежа што инсистира на активен гледач и коавторство. Секој кој влегува во овие простори, влегува во релација со фрагментите – распарчените траги на интимното, архивирани во материјали што постојано се обидуваат да се спојат во нова целина.
Оваа изложба нè поканува на плуралистичко, критичко и емотивно патување – низ спомени, граници, колективни структури и нестабилни текови на значење. Таа е документ и мапа. Ја означува територијата каде што се спојуваат материјалите и идеите, каде што споменот не е стабилен, туку станува – како колаж – жив организам што повикува повторно да се состави. Искусете ги овие простори на конјункција како жив терминален систем: отворен, сложен и неизвесен.