Промени на конзервата што укажуваат дека храната е расипана

Конзервираната храна изгледа безбедна и има подолг рок на траење, но тоа не значи дека не може да се расипе. Затоа е важно внимателно да се прегледа самата конзерва и да се внимава на можни оштетувања.

Храната како грав или туна може да содржи опасни бактерии, меѓу кои и Clostridium botulinum, кои создаваат токсини што го напаѓаат нервниот систем и можат да предизвикаат сериозни последици, вклучувајќи парализа, па дури и смрт, предупредува Пол Џексон, експерт за хигиена од британската компанија NRC.

Видливи предупредувачки знаци на расипана конзерва:

1. Вдлабнатини

„Конзерви со мали вдлабнатини се генерално безбедни ако нема други знаци на оштетување“, изјави Џексон за Мирор. Меѓутоа, длабоките вдлабнатини се сериозен знак за потенцијален проблем, бидејќи може да предизвикаат микропукнатини преку кои бактерии навлегуваат во конзервата.

2. ‘Рѓа

‘Рѓосаните конзерви претставуваат ризик бидејќи ‘рѓата може да го ослаби металот и да овозможи навлегување на воздух или бактерии. Во комбинација со влага, тоа е совршена средина за развој на токсини.

3. Надуеност

Надуените конзерви се јасен индикатор за бактериска активност. „Ова се случува поради гасови произведени од бактерии, што значи дека храната е расипана. Таквите конзерви мора веднаш да се фрлат“, предупредува Џексон.

4. Истекување и непријатен мирис

Ако при отворање тече течност или се ослободува непријатен мирис, тоа може да значи дека има бактериолошки раст внатре. „Истекувањето може да укажува на натрупан гас од микробна активност“, вели Џексон.

Симптоми на ботулизам

Ботулизмот предизвикува сериозни симптоми: гадење, повраќање, болки во стомакот, дијареја или запек, а ако не се лекува – може да доведе до спуштени очни капаци, заматен вид, мускулна слабост, и на крај – до целосна парализа. Според податоците на британската Национална здравствена служба, смртноста од ботулизам изнесува околу 10%.

Како правилно да складирате конзервирана храна

  • Чувајте ги конзервите на суво и умерено топло место, далеку од влага, мијалник и директна топлина.
  • Избегнувајте изложување на екстремно ниски температури, кои можат да ја оштетат конзервата.
  • Редовно проверувајте го рокот на траење.
  • Внимавајте на типот на храна: домати и друга храна со висока киселост може да трае до 18 месеци по рокот, додека месото и зеленчукот – до пет години, ако се чуваат правилно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни