„Профундис“ со триумфална Candlelight турнеја низ Босна и Херцеговина: Музика, свеќи и стоечки овации

Македонскиот камерен оркестар „Профундис“ ја реализираше својата прва Candlelight турнеја во Босна и Херцеговина со извонреден успех, настапувајќи пред преполни сали и восхитена публика во Сараево, Тузла и Мостар. Концертите, одржани во уникатен амбиент осветлен со илјадници свеќи, беа дел од глобалниот феномен „Candlelight concerts“, кој ја претвора класичната музика во вистинско емоционално доживување.

Турнејата започна на 4 септември во Домот на младите „Скендерија“ во Сараево, продолжи на 5 септември во Босанскиот културен центар во Тузла, а заврши на 7 септември во Хрватскиот дом „Херцег Стјепан Косача“ во Мостар. На секој од концертите, магичната атмосфера создадена од стотици свеќи и внимателно избраната музичка програма резултираа со бурни аплаузи, стоечки овации и искрени емоции.

Главна ѕвезда на турнејата беше светски познатата виолинистка Ирина Мурезану, чие присуство на сцената внесе дополнителен сјај. Родена во Романија, Мурезану е добитничка на бројни меѓународни награди, вклучувајќи ги престижните натпревари Queen Elisabeth, Montreal International, UNISA и Schadt, а нејзината концертна кариера ја има водено на славни сцени како Carnegie Hall, Kennedy Center, Wigmore Hall, и многу други. Покрај тоа што редовно настапува како солистка со врвни оркестри, таа е и професорка на Универзитетот во Бостон.

Програмата на концертите понуди балансирана комбинација од класични ремек-дела, вклучувајќи ја безвременската „Четири годишни времиња“ од Антонио Вивалди, енергичната „Романска рапсодија“ од Жорж Енеску и елегантната „St. Paul Suite“ од Густав Холст. Овој музички спој – од барок до романтизам, со допир на англиска суптилност – создаде емотивно доживување збогатено со светлото на свеќите.

„За нас оваа турнеја е огромна чест и посебно искуство. Да настапуваме во Босна и Херцеговина, во рамки на глобалниот проект Candlelight, и да ја споделиме нашата енергија со оваа прекрасна публика, е момент кој ќе го паметиме,“ изјави диригентката на оркестарот, маестра Ѓурѓица Дашиќ.

Камерниот оркестар „Профундис“ е составен од врвни македонски музичари – виолинисти, виолисти и виолончелисти – кои веќе шест години со голема посветеност ја негуваат класичната музика и ја приближуваат до пошироката публика низ регионот. Со секој нов проект, тие го потврдуваат својот статус како еден од водечките камерни ансамбли во Македонија и пошироко.

Успешната Candlelight турнеја во Босна и Херцеговина е само уште една потврда за високото ниво на уметничкиот израз на „Профундис“ и нивната способност да ја трансформираат класичната музика во живо, современо и возбудливо доживување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни