Најголемо признание ми е кога за 200 луѓе нема доволно места на перформанс од Прајдот

„Викенд на гордоста отвори некои нови крвотоци меѓу самата квир заедница и нехетеросексуалците, мислам дека исто така е нешто со кое сме горди. Колку воопшто има придонесено за „промени на свеста за тоа дека треба да се прифатат луѓето со поинаква сексуална определба и тоа дека тие треба да ги уживаат истите права како и сите“, тоа мислам дека времето ќе го покаже и оние што ќе дојдат после нас.“- вели Славчо Димитров во интервјуто за Трн.
Фотографија: Жарко Чулиќ

Skopje Pride Weekend е фестивал за квир уметност и култура, кој секоја година успева да нé помести од нашите удобни позиции и да нé втурне во нови простори на истражување, преиспитување и секако, уживање.

Викендот на гордоста се случува по 11 пат, оваа година протегајќи се на два викенди, од 1 до 13 јуни во Музејот на современа уметност, МКЦ и КСП „Центар-Јадро“. Викендот на гордоста е фестивал за квир култура, уметност и теорија и има за цел е да создаде простор за промоција на ненормативните форми на светообразување, односно, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитетите што од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст се обележани како квир, ексцентрични и неуспешни.

Тематскиот фокус година е на КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ: Историја, афекти, утопии. 

Со цел да ви пренесеме дел од феноменалната содржина која ја нуди фестивалот, како и да ја разбереме суштината на Викендот на гордоста и овогодинешната тема, зборуваме со Славчо Димитров, куратор на фестивалот.

Трн: Голем дел од животот имате посветено на образование и едукација? Кој дел од вашето образование најмногу ве профилираше ова што сте сега?

Славчо: Сите образовни циклуси и студии низ коишто имам поминато беа длабоко вкоренети во критичката и трансдисциплинарна методологија. Веројатно тоа е и една главните причини поради коишто сѐ уште ми е тешко да одговорам на прашањето кој сум, не само во идентитетска смисла, туку и вокациски и професионално. Додипломските студии на компаративна книжевност, и посебно предавањата на проф. Елизабета Шелева, на пример, за мене претставуваа страствен влез во светот на теоријата, а особено феминистичката, постструктуралистичката, постколонијалната, и квир теоријата. Последипломските Родови студии и филозофија на Институтот Евро-Балкан беа парадигматичен пример за трансдисциплинарниот пристап кон знаењето, и политички и критички моќен ангажман со светот околу нас и историите на опресија низ призмата на телото, сексуалноста, родот, визуелната култура, како и, навидум, баналните секојдневни навики, па сѐ до доминантните Западни канони на знаење (со професори како Катерина Колозова, Деспина Ангеловска, Сузана Милевска и други). Во слична линија ме формираа и последипломските Трансдисциплинарни студии на родот на Кембриџ, и докторските Трансдисциплинарни студии на современите уметности и медиуми на ФМК во Белград, коишто во исто време нудат огромна истражувачка слобода и охрабрувачка средина која ви дава простор да испробувате различни истражувачки предмети и да жонглирате со мноштво аналитички алатки, имајќи секогаш како позадинска рамка остра критичка-политичка ориентација и етичка одговорност. На страна од формалниот дел во образованието, пријателствата со некои луѓе и зналци подеднакво се/беа формативни за ова што сега го означува мојот интерес и ангажираност, како професорката Јелисавета Благојевиќ од Белград, Вики Младенова, Ирена Цветковиќ, Артан Садику, Искра Гешовска, Љубомир Фрчкоски, и сите мои мали квир кругови на пријателства преку кои теоријата се живее, а политиката е секојдневна перформативна пракса.   

Во разговор со Џек Халберстам во Белград

Трн: Што ве инспирираше и кога сфативте дека сакате да се занимавате со маргинализираните заедници и со проекти од областа на човековите права?

Славчо: Се разбира, стартна точка е моето прожиевано искуство на настраност, или она што понеутрално со англиска терминологија се нарекува, квир (не)идентитет, моето родово и сексуално невклопување во баналното зло и секојдневно насилство на паланката и мачо-хетеропатријархалната-националистичка средина, од една страна. Од друга страна, живеењето на транзициското капиталистичко соголување во семејство коешто е надвор од центарот, да не речам во провинцијата J, и гледањето како нивните тела полека но сигурно се абат во натчовечките напори да создадат и одржат услови, со она речиси ништо што се поседува финансиски, за нивните деца да се образуваат и преживеат, односно за да јас можам да ги читам Пруст, Вулф, Кафка, Спиноза, Хегел, Ниче, Фуко, Батлер итн . Значи сексуално-родовото и класното искуство беа пресудни за моето вкотвување во ситуирано знаење и специфичното епистемолошко гледиште, како и за мојата политичка страст. Во теориска смисла тектонски ме изместија првите теориски книги коишто ги прочитав, за време на моите додипломски студии, од Мишел Фуко, Џудит Батлер, Жил Делез, и Елизабет Грос.

Трн: Осма година по ред сте водител на фестивалот Викенд на гордоста. Дали со него се направија некои промени во свеста дека треба да се прифатат луѓето со поинаква сексуална определба и тоа дека тие треба да ги уживаат истите права како и другите?

Славчо: Она што би сакал да го забележам во однос на прашањево е дека, иако за фестивалот првичниот фокус и појдовната точка е настраноста (квир) на сексуалноста и родот, истите се излезни точки за преиспитување на поширок опсег на проблеми, вклучително нормативноста и нормалноста, воопшто, но и испресекувањата на сексуалноста и родот со класата, национализмот, здравствениот статус, расата, етницитетот итн. Односно, фестивалот е обид да се преиспитаат преклопувањата на различните системи и форми на опресија и насилство, нивното впишување во телата и проживеаните афективни искуства и капацитети на маргинализираните популации, како и простор да се афирмираат, претстават, и доведат во јавност мноштво алтернативни форми на култура, живеење, светоградење, релации и идентитети коишто хетерофашистичкото, капиталистичко и националистичко општество ги (обез)вреднува како неуспешни, пропаднати, ненормални, изопачени, изродни животи. И тоа преку естетски, перформативни и кореографски форми, бидејќи, нели, како што не научија феминистките, телото е борбено поле! Дека фестивалот направи некаков продор и промена низ изминативе 11 години е неоспорно. Дека привлече и привлекува публика и луѓе коишто претходно не се интересирале за овие теми, исто така. Дека создава релации, заедница и социјални светови коишто или беа на маргините, или претходно беа лабаво врзани, мислам дека е несомнено. Дека отвори некои нови крвотоци меѓу самата квир заедница и нехетеросексуалците, мислам дека исто така е нешто со што сме горди. Колку воопшто има придонесено за „промени на свеста за тоа дека треба да се прифатат луѓето со поинаква сексуална определба и тоа дека тие треба да ги уживаат истите права како и сите„, тоа мислам дека времето ќе го покаже и тие што ќе дојдат после нас. 

Перформанс на Џули Толентино и Стош Фила / Фотографија: Соња Ставрова

Трн: Публиката и афирмациите со текот на годините растат, меѓутоа дали и оние непријатни ситуации и негативни коментари се намалуваат во однос на афирмативните?

Славчо: Да не звучам нескромно, но значителен дел од коментарите кои ги добиваме како од локалната уметничка и културна сцена и работници, така и од меѓународната, е дека овој фестивал е еден од најдобрите од овој тип не само на локално и регионално, туку и пошироко на интернационално ниво. Многумина, со нас, го имаат споделено мислењето дека фестивалот е еден од најзначајните културни настани во Македонија воопшто. Тоа е големо охрабрување за мене и тимот со кој го спремаме фестивалот (нужно е да ги споменам Стефан Богески, Љубомир Фаизов, Мања Величковска, и претходно Јана Коцевска). Непријатните ситуации и коментари беа, се, и ќе бидат. Тоа што во една конзервативна средина традиционалниот канон се уште ја дефинира уметничката продукција и образовно-институционалната уметничка поставеност е сѐ уште силна причина за тесноградо гледање и проценка на уметноста. Да не зборувам воопшто за речиси целосното отсуство на перформанс уметност во нашиот контекст (со исклучок на напорите на Локомотива и Биљана Тануровска-Ќулавковски, како и Прво па женско), а којашто е во централен фокус на фестивалот. Или пак за отсуството на современа продукција на знаења во областа на општествените и хуманистичките науки во нашата бетонирана универзитетска средина (повторно со исклучок на иницијативи кои доаѓаат од невладиниот сектор и независната културна сцена, или напорите на индивидуалци, како што порано беше Евро-Балкан, Точка, Темплум, Контрапункт, Фестивалот КРИК и други). Дополнително, тоа што сме хетеропатријархална средина нужно ќе произведува хистерични реакции коишто вриштат кога ХИВ-позитивното тело на Рон Ејти крвари на сцена, или кога голо машко тело со задникот свртен кон публиката танцува во Музејот на современа уметност. Демек каде била уметноста во тоа. Коментари на коишто може само да експлодирате од смеа доколку свртите еден поглед кон вековната историја на објектификација на голото женско тело во уметноста и дела коишто го градат институционализираниот канон на уметноста. Тоа што Гордана Гоџо, отец Јаков и Коалицијата за се само за правата на детето не, и НЕ преземај одговорност се во опасен фашистички поход за бришење и насилство врз жените, геј и транс луѓето, како и тоа што мачо националистите и послушните ќерки во ВМРО ја исцементираа културната политика повеќе од една деценија, додека некои од клерикалните и богобојазливи структури на СДСМ немаат капацитет за вистински (културно)политички одлуки, се уште еден фактор кој го подгрева тлото за, и ги одржува, хомофобичните структури кои со зазор гледаат над нашиот фестивал. Но сепак, како што велеше Фуко, каде што има репресија има и задоволство, а со нив, нашето задоволство, пркосно, расте.

Трн: На овој фестивал се носат и многу гости од странство. Има ли некое име кое е вистински престиж да се донесе?

Славчо: На познавателите на перформанс уметноста и квир и родовата теорија, повеќе од гостите им се познати и се доволно свесни за престижот на уметниците коишто биле гости на фестивалот. Како куратор, јас си го остварив, себично J, сонот да донесам некои од уметниците и теоретичарите, на коишто најмногу им се восхитувам и чијашто работа била исклучително формативна за мене. Како што се Рон Ејти, Дел Лагрејс Волкано, Ваџинал Дејвис, Касилс, Џули Толентино, Феликс Гонзалез Торес, Волфганг Тилманс, Ренате Лоренц, Лорен Берлант, Иво Димчев, Франко Б, Дејвид Халперин, Дејвид Хојл, Карол Раѓишевски и многу други. И се разбира нашите уметници како Христина Иваноска, Јане Чалоски, Велимир Жерновски, и помладата генерација уметници како Дарко Алексовски и Јован Јосифовски, со коишто работата е посебна чест и задоволство итн. 

Перформанс на Рон Ејти / Фотографија: Соња Ставрова

Трн: Каква е ситуацијата во светот, на глобално ниво? Има ли некоја држава која ви е репер за тоа како треба да бидат поставени работите кога се работи за квир заедницата?

Славчо: Политички, се разбира има држави во коишто признавањето на правата на квир луѓето, и обезбедувањето инфраструктури за одржливост на нивната социо-културна продукција и светови, е на завидно ниво. Не би издвојувал посебни држави. Но несомнено, од перспектива на културно-уметничка продукција со квир предзнак, несомнено би ја издвоил LA и Њујоршката квир сцена во САД, скандинавските земји, Германија (и Берлин посебно), Велика Британија, како и некои извонредни имиња и движења во екс-југославенските земји.

Трн: За 10 години од сега каде се гледате, кои предизвици ви стојат?

Славчо: Проекцијата на иднина за 10 години е привилегија на богатите хетеронормативни луѓе, којашто не можам да си ја дозволам.

Трн: Добитници сте и на неколку награди? За што сметате дека е ваше најголемо признание за вашата работа како културен активист, борец за правата на маргинализираните? Што е за вас круна на успехот?

Славчо: Од наградите, несомнено Игор Забел наградата во 2020 г. Особено значајно место за мене има и 11-годишното организирање за Школата за сексуалности, култури и политика којашто ја организираме во Белград со ИПАК. Центарот, а на којашто имавме чест да ги донесеме најзначјните современи имиња од светот на критичката, родовата и квир теоријата, како Џек Халберстам, Лорен Берлан, Ен Цветковиќ, Сузана Паасонен, Карен Барад, Ли Еделман, Лис Иригаре, Лучијана Паризи и многу други. А најголемо признание ми е кога ќе видам двесте луѓе за кои нема доволно столчиња, на перформанс во рамки на Викендот на гордоста, од коишто поголемиот дел воопшто не ги ни познавам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни