Новото прифатилиште „Хачико“ во Битола, симболично на Светскиот ден за заштита на животните и официјално започна со работа, со примање на првите бездомни животни.
Според градоначалникот на Битола Тони Коњановски, веќе е екипиран кадарот во прифатилиштето и склучен е договор со повеќе ветеринарни друштва од Општина Битола за хуман третман на уличната популација на кучињата.
„Општина Битола изминатите месеци во континуитет направи сериозен напор да изгради соодветно прифатилиште кое ги задоволува сите стандарди за хуман третман на животните, добивме одобрување за работа од АХВ за прифатилиштето, направивме мониторинг на уличната популација на кучињата, обезбедивме средства за да отпочнеме со хуманиот третман на животните, изработивме програма за хуман третман на животните која ги дава насоките по кои ќе се става под контрола на овој проблем.
Обезбедивме иновативно решение за ангажман на повеќе сериозни ветеринарни друштва од општината кои ќе го вршат хуманиот третман на животните. Ова решение дава можност за побрз и попрофесионален третман на кучињата и сериозно ја намали цената на чинење на третман на куче“, рече Коњановски.
Тој најави соработка со здруженијата за граѓани и со активистите за права на животните.