Зоран Василевски, познат како Зоки Фаци, се соочува со сериозна здравствена битка, откако му беше дијагностициран агресивен канцер пред три години. Откако неговиот пријател и колега Стефан Лазаров објави повик за донации за потребната операција, која чини 15.000 евра, Зоки Фаци изрази голема благодарност за поддршката која ја добива.
„Трогнат сум од сите пораки, од сите желби за добро здравје, од гестовите на сите оние кои несебично веднаш ми пружија поддршка и донираат за моето лекување. По две децении на шоу-биз сцената, како новинар за кого често се кажуваше дека е контроверзен, ова што денес се случува, мене ми е показател дека луѓето ме сакаат. Благодарен сум на таа љубов која ја добивам, многу ми значи во овие моменти,“ изјави Зоки Фаци за „Фокус“.
Тој нагласи дека операцијата на мочниот меур е итна и најверојатно ќе се изврши во приватна клиника во Македонија или Турција, каде што веќе бил на испитувања.