Престижна награда за „Самовили и демони“ од Бобан Русески, Јована Зајкова и Зарина Првасевда

Претставата „Самовили и демони“ ја освои престижната втора награда на меѓународниот фестивал за кореографски минијатури во Белград, на неговото 28. издание. Автори и изведувачи на оваа уникатна претстава се кореографите Бобан Русески и Јована Зајкова. Во улога на вокален изведувач се појавува исклучителната Зарина Првасевда, чиј моќен и емоционален вокал додава длабочина на претставата, со што публиката е привлечена во магичниот свет на македонската култура.

Оваа година фестивалот во Белград привлече бројни реномирани уметници и кореографи од различни делови на светот, вклучувајќи учесници од Русија, Словенија, Австралија, Словачка, Македонија, Австрија, Србија, Црна Гора и Италија. Присуството на оваа силна меѓународна конкуренција го прави успехот на „Самовили и Демони“ уште позначаен и сведочи за неговата уникатност и уметнички квалитет.

Во „Самовили и демони“ танцот, традицијата и вокалната изведба се преплетуваат за да создадат приказна која носи длабока емоционална приказна. Кореографијата, инспирирана од „Тешкото“ – еден од најпознатите македонски традиционални танци – го пренесува духот на старите времиња, но со современ израз. Преку оваа комбинација, древната македонска култура оживува и наоѓа ново место во денешната естетика.

Во забрзаното секојдневие често ја губиме врската со нашите корени. „Самовили и Демони“ нѐ потсетува на убавината и вредноста на народните приказни, кои ја носат мудроста од генерација на генерација. Претставата ја враќа природноста и искреноста во нашите животи, поврзувајќи нѐ на подлабоко ниво.

Оваа награда сведочи за силата на нашата култура да допре и инспирира, не само дома, туку и надвор, потсетувајќи на важноста од зачувување на културните вредности и традиции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни