Премиер лигата наместо со критикуваниот ВАР ќе утврдува офсајд со нов систем кој снима со Ајфони

Фото: SonoGrazy, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Кога гледате фудбал често се случува да бидете изнервирани од некоја судиска одлука, особено од одлука за офсајд. Сепак, за разлика од претходните сезони, се повеќе лиги воведуваат систем за полуавтоматско детектирање на офсајд ситуација, кој функционира благодарение на Ајфони.

Англиската Премиер лига ќе започне да го користи новиот полуавтоматски систем подоцна во текот на оваа сезона, во обид да се надминат недостатоците на постоечкиот ВАР систем (видео-асистент) и да се избегнат човечките грешки.

Компаниите Genious Sports и нивната фирма ќерка Second Spectrum, кој со години обезбедуваа оптичко следење и податоци за НБА, ќе го дебитираат својот ситем, внатрешно познат како „Dragon“, а кој е базиран на паметни телефони.

За системот се потребни десетици Ајфони и се користат нивните камери за да се снимаат видеа со повеќе фрејмови во секунда од различни агли. Софтверот им овозможува на телефоните да комуницираат помеѓу себе и работат заедно за да ги процесираат сите податоци од сите камери.

Освен за фудбал, ваквиот систем ќе може да биде користен за собирање на податоци и снимки во многу други спортови.

Повеќето од првичните системи за следење на движењето на спортските наптревари не беа многу комплексни. Тие користеа помалку од десет камери и некој специјализиран софтвер за да дадат одговори на прашањата колку брзо трчаат спортистите, колку брзо се движи топката и некои такви поедноставни прашања.

Но кога барањата од софтверот стануваат покомплексни, така треба да се развива и технологијата.

Фото: Genius Sports

Постојат различни ситуации што може да се случат за време на еден натпревар. Играчите да се судираат, да бидат доста блиску еден од друг или дури и да завршат еден врз друг. Тоа создава „окулзија“. Дури и со десет камери, не секогаш може да се најде вистинскиот агол. Досега, системите со машинско учење ги пополнуваа тие „дупки“ во системот, со претпоставки за тоа што се случува, а не се гледа најдобро на камерите. И најчесто таквите претпоставки се точни. Но, кога сте во ситуација каде што претпоставките не се доволни, кога зависи резултатот од одлуката, тогаш потребен е повисок стандард.

Една таква ситуација е досудувањето на офсајд. Офсајдот како правило во фудбалот треба да ги спречи напаѓачите да добијат преголема предност пред противничниот гол. За правилно досудување на офсајд потребни се податоци за моментот кога топката се удира и за позициите на напаѓачот и дефанзивците. Досега се користеа околу 10 до 15 камери  и сензор во топката на поголемите натпреварувања за да се досуди полуавтоматски офсајд. Но, „оклузијата“ беше честа појава, кога не можеше најдобро да се процени точната поставеност на играчите.

Системот „Dragon“, за почеток ќе користи 28 камери од Ајфон на секој стадион од Премиер лигата, но повеќе камери ќе бидат користени на одредени стадиони. Системот е псотавен да ги користи камерите од Ајфон 14 и поновите модели. Ајфоните ќе бидат поставени во водоотпорни кутии со вентилатори за ладење и поврзани да се полнат. Тимот подготвил држачи за Ајфоните, со цел да се поставуваат по четири на едно место.

Откако Ајфоните ќе бидат поставени на теренот, тие постојано ќе снимаат од различни агли. Компанијата очекува дека софтверот ќе има можност да следи помеѓу седум и 10 илјади точки на секој играч, во секое време, благодарение на широката покриеност на теренот.

„Тоа е покачување од 30, 40 или 50 точки до следење на целата контура на телото“ велат од компанијата.

Системот ја користи можноста на Ајфоните да снимаат видео со повеќе фрејмови во секунда, за да се избегнат ситуациите кога вистинскиот момент не е снимен.

Како пример за потребата на ова се истакнува при судење на офсајд и кога се успорува снимката за да се види како напредува акцијата во многу случаи точниот момент на шутирање на топката го нема, бидејќи тој се случува помеѓу два кадри од видеото.

Најчесто телевизиските преноси се снимаат со 50 до 60 кадри во секунда, додека системот „Dragon“ ќе снима до 200 кадри во секунда. Системот исто така ќе може автоматски да детектира важни настани во текот на натпреварот, како можен офсајд и да го зголемува бројот на кадрите во тие моменти, а потоа да го намалува, со цел да се намали енергијата која се користи.

Олеснувањето на оваа автоматизација е другата клучна карактеристика на Dragon: Систем за машинска интелигенција што работи во позадина познат внатрешно како „објект на семантичка мрежа“. Користејќи го искуството на Genius за конвертирање на оптички кошаркарски податоци, оваа програма за машинско учење се тренира на вообичаени фудбалски настани или ситуации во текот на неколку сезони. Тоа не е само доловување движења, туку нивно контекстуализирање во реално време – а во некои случаи дури и учење од нив.

Од англиската Премиер лига и од Genius сепак откриваат дека конечните одлуки повторно ќе ги прават луѓето, но значително помогнати од овие алатки.

Фото: Genius Sports

Со оглед на тоа колку се евтини и моќни паметните телефони, се поставува прашањето зошто беше потребно толку многу време за да се вклучат во спортот.

Денешните Ајфони се моќни како најдобрите суперкомпјутери пред 20 години. Додека другите модерни системи за оптичко следење бараат скапи кабли со оптички влакна и сервери за поврзување на фантастични камери со компјутери кои имаат задача да управуваат со податоците што се собираат, денешните паметни телефони од 1.000 долари можат да се справат со двете тие задачи главно сами.

Премиер лигата веројатно и не мора да штеди; тоа е најбогатата лига во најпопуларниот спорт во светот. Но, Genius вели дека други големи фудбалски лиги покажале интерес за Dragon, а намалувањето на трошоците може да биде поголем приоритет во иднина. Способноста на Dragon да се прилагодува на различни буџети е неговата предност.

Од компанијата велат дека со оглед на тоа што Ајфоните се релативно поевтини од големите камери, во иднина нема да биде проблем да се инсталриаат плус 20, 30 или 40 камери за да се покријат одредени делови од теренот од каде што недостасуваат податоци.

Овој вид на приспособливост  го овозможува и концептот на „дигитален близнак“ во спортот. Со снимање на видеа и позиционирање на податоци додека играчот се движи на теренот, тој играч може повторно да се креира виртуелно – нивните движења, сличност и гестови со рацете, сето тоа дигитално прикажано во реално време. Ова е нешто што вообичаено е возможно само со типовите на камери и компјутерски системи кои чинат вистинско богатство и се користат во Холивуд и во создавањето видео игри.

Ако може да се создадат дигитални близнаци во спортот, нивната употреба оди подалеку од судењето. Емитувачите можат да ги користат во дигитални преклопувања што прикажуваат статистика во реално време или во виртуелна реалност, за да може да го следите натпреварот со вашиот сет за виртуелна реалност.

Фудбалот е само првото игралиште за оваа технологија. Речиси секој спорт може да извлече вредност од создавањето на дигитални близнаци, а Genius се надева дека наскоро ќе направи упад во кошарката и американскиот фудбал.

Но, колку и да звучи интригантно фудбалски дигитален близнак, дали Dragon всушност може да ги реши проблемите со судењето на офсајд? Досегашното користење на ВАР системот креираше недоверба во технологијата кај фановите.

Genius вели дека го тестира Dragon веќе неколку години и во Премиер лигата и на неколку други места, во повеќе формати. Компанијата вработува неколку внатрешни аналитичари кои проектираат податоци за следење во видео формат, а потоа одат кадар по кадар заедно со емитуваното видео за да откријат какви било несогласувања. Ова му овозможува на тимот постојано да ги калибрира своите модели додека таквите грешки, теоретски, не се елиминираат.

Dragon системот е валидиран од ФИФА и тестиран со користење на други системи за следење на движењата, со цел да се споредат и откријат недостатоците. Според компанијата досега се поминати пет или шест усогласувања.

Вистинскиот тест сепак ќе следува од фановите и играчите, кои ќе треба да го видат системот во акција за да проверат дали ќе направи разлика или не.

Извор: Wired

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни