На пожарот што утрово избувна пред Домот на Народното собрание на Србија, при што изгореа повеќе шатори во Чачиленд, му претходел инцидент во кој учествувале вооружени припадници на полицијата, а наводно е уапсено едно лице.
На видеото кое го објави пратеничката од Странката на слободата и правдата, Мариника Тепиќ, се гледа дека нешто после 10 часот едно лице во цивилна облека излегува од шатор и со тешкотии во движењето се упатува кон крстосницата на улиците Кнез Милош и Булевар Крал Александар.
Потоа, од правец на парламентот кон шаторите трча поголема група полицајци. Некои од нив држат пиштоли во рацете и се кријат зад автомобили, канти за ѓубре и други шатори.
Во еден момент се гледа силен оган што избива помеѓу два шатори, кој потоа се проширува на останатите.
Агенцијата Бета јавува дека од Министерството за внатрешни работи не можеле да дадат изјава во врска со наводите за инцидентот и апсењето.