„Уште како дете многу цртам портрети, а соучениците тоа го забележаа, па ме тераа да ги цртам. Често бараа да ги деформирам ликовите и така се раѓаа прекари“, низ насмевка ја започнува својата уметничка приказна карикатуристот Сабедин Ејупи, попознат под прекарот Сајгон.
Повеќе од половина век заработува со молив. Не се жали, вели добро се заработува од комерцијални карикатури во Македонија, но далеку повеќе во лето кога е покрај морски брег. И додека на луѓето кои му позираат им треба време да испушат една цигара тој со неколку потези им го црта ликот преточен во карикатура. На таков начин и започнала целата приказна со овој вид на уметност.
„По студиите, на покана на мојот зет, заминав едно лето во Корчула, Хрватска, каде почнав да цртам портрети, но и да експериментирам со обиди за карикатура. Еден ден седев покрај морето, а од спротивната страна имаше ресторан. Забележав еден висок и слаб човек со специфични образи и си реков еве овој ќе биде Пинк Пантер. Со неколку потези го нацртав ликот, видоизменет, на телото од славниот Пинк Пантер. Човекот кога виде се налути, збесна, но останатите на еден фин и убав начин му укажаа дека навистина е интересна карикатурата. За чудо и тој почна да се смее и така започна целата приказна со карикатурите“, раскажува Сајгон.
Не знае точен број на дела, но во едно е сигурен дека секоја карикатура сама по себе е уникатна и едноставно неповторлива. Пред неговиот штафелај застанале многумина, поретко храброст имале политичари. Сепак тие никогаш не му дале бакшиш, дури некои побарале да добијат карикатура на подарок. Карикатуристот Сабедин Ејупи – Сајгон се сеќава и на деновите кога катадневно цртал карикатури на политичари за дневниот весник Дневник. Жали што неговиот талент скоро никој печатен медиум, а во поново време и дигитален, не го користи неговиот талент.
„Еднаш во Културно информативен центар правевме заедничка изложба со колегите од здружението. Јас сакав да настапам со карикатури од десет политичари кои беа веќе објавени во новогодишниот број на Дневник. Се сеќавам меѓу тие портрети беа на Али Ахмети, Хашим Тачи, Бранко Црвенковски… Дојде организаторот на настанот и ми рече не може, добив партиска цензура иако веќе дел од јавноста ги имаше видено карикатурите. Сите мои колеги настапија само јас не и тоа многу ме повреди“, вели Ејупи.
За неговите дела слушнале и надвор од земјава, особено во годините кога по цело лето цртал туристи од разни краеви на светот покрај морскиот брег во Хрватска. Ејупи потенцира дека му е полесно кога моделот е пред него па може да го долови неговиот карактер, за разлика од цртањето карикатура од фотографија.
Ако наидете на неговото ателје, наминете да ѕирнете, ако не за да ве нацртаат на карикатура, барем да го поздравите уметникот пред кој и политичарите стојат мирно.