Повеќе од 93 загинати, стотици се уште се водат како исчезнати во пожарот на Хаваи

Бројот на жртвите од шумските пожари во Мауи на Хаваите достигна 93 во неделата, додека роднините на исчезнатите избезумено бараа знаци дека нивните најблиски се уште се живи.

Гувернерот на Хаваи Џош Грин во неделата го спореди изгорениот град Лахаина со „воена зона“ откако брзорастечкиот пожар го зафати северозападниот брег на Мауи во вторникот, срамнувајќи со земја голем дел од историскиот туристички град.

Неколку дена по избувнувањето на пожарот, екипите на пожарникарите сè уште се борат со остатоците од огнот, а кучиња ги пребаруваат јагленосаните урнатини на градот во потрага по жртви додека преживеаните и службениците ги проценуваат размерите на катастрофата.

„Во моментов, сè уште сме во акутната фаза на закрепнувањето, што значи дека сè уште се опоравуваме од трагичната загуба на животи“, рече Грин за MSNBC во неделата. „Досега имаме 93 жртви… тоа е воена зона, но помошта која ја добиваме е неверојатна“.

Фото: REUTERS/Mike Blake

Грин повторно вети дека ќе ги истражи причините за пожарот и системите за известување за итни случаи, откако некои жители се запрашаа дали можело да се направи повеќе за да се предупредат.

Некои сведоци рекоа дека имале прекратко предупредување, опишувајќи го нивниот ужас бидејќи пожарот го уништил градот околу нив за само неколку минути. Поради тоа, многу од жителите и туристите спасот од пожарот го барале во океанот.

Сирените стационирани околу островот, наменети да предупредат за претстојните природни катастрофи, никогаш не се огласиле, а прекините на струја и мрежата за мобилните телефони ги попречиле другите форми на предупредувања.

„Наскоро ќе знаеме дали било направено доволно за да се активираат сирените или не“, рече Грин во ТВ интервјуто.

Бројот на загинати го направи пожарот најголема природна катастрофа на Хаваите, надминувајќи го цунамито во кое загинаа 61 лице во 1960 година, една година откако Хаваите станаа американска држава.

Бројот на загинати, исто така, го надмина и оној од пожарот во 2018 година во градот Парадајс, Калифорнија, во кој загинаа 86 луѓе и беше најголем број на загинати од шумскиот пожар во САД од 1918 година, кога 453 лица загинаа во пожарот Клокет во Минесота и Висконсин, според податоци од Националната асоцијација за противпожарна заштита.

Властите обезбедиле 1.000 хотелски соби за луѓето кои ги загубија своите домови и организираат имотите кои се изнајмуваат да служат како станови без трошоци за семејствата, рече Грин во саботата. Повеќе од 1.400 луѓе биле примени во засолништата за итни случаи.

Во недостиг на официјални информации, жителите на Мауи преку социјалните мрежи и интернет се организираат за да ги пронајдат нивните исчезнати роднини и пријатели. Една таква алатка е базата на податоци за пронајдените мртви, но и спасени исчезнати, која редовно се надополнува од жителите.

Семејствата и пријателите се мобилизираат на социјалните мрежи, споделувајќи информации за исчезнатите најблиски, барајќи помош за нивно лоцирање. Во моментов, стотици луѓе сè уште се водат како исчезнати, иако нема официјална бројка.

Трошоците за обнова на Лахаина се проценети на 5,5 милијарди долари, според Федералната агенција за управување со вонредни состојби (FEMA), со уништени или оштетени повеќе од 2.200 објекти и повеќе 850 хектари изгорена површина.

FEMA соопшти дека повеќе од 250 нивни вработени се распоредени во Мауи, вклучително и 45 специјалисти за помош на преживеани од катастрофи кои ги посетуваат засолништата во Мауи за да им помогнат на луѓето да се регистрираат за помош.

Извор: Reuters

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни