По една година од реализацијата на културниот проект „НОВА НАДЕЖ“, јавноста повторно има можност да го доживее преку онлајн премиера која се емитуваше вечерва во 20:00 часот на YouTube и Facebook каналите на организаторите.
Повод за повторната премиера е 11 Октомври – Денот на народното востание, како и 45 години од изградбата на Спомен-костурницата во Велес, значајно историско и културно обележје за македонскиот народ.
Проект кој се реализираше со визија, љубов и упорност
Проектот „Нова Надеж“ беше финансиран во времето на претходната владина гарнитура од Министерството за култура, под водство на министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска. И покрај бројните опструкции, истиот беше успешно реализиран благодарение на тимот што со љубов и ентузијазам се посвети на неговата реализација.
„Културата е независна и слободна. Не е важно чија е, туку што и како се создава – дали со државни пари или со љубов, работа и визија. Без квалитетна култура, нема ниту нација,“ – порачуваат од организацијата Терапија, која стои зад проектот.
Националните вредности – во фокусот на културата
Во време кога културниот живот се соочува со бројни предизвици, тимот на „Нова Надеж“ испраќа јасна порака: националните интереси треба да бидат приоритет, а културата да биде поддржана со искрен и достоинствен однос од институциите и општеството.
Организаторите се оградија од какви било жалби или приговори за спроведените активности, со цел да покажат почит кон културната заедница и јавноста. Наместо конфликти, избраа – работа и посветеност.
Проектот беше поддржан и од општествено одговорни компании и поединци кои овозможија да се исплатат дел од учесниците во продукцијата.
Проектот претставува спој на уметност, музика, историја и порака за обнова на вредностите што ја дефинираат нашата културна и национална свест.