„Полн со сокови и стихови“: Книжевен паметник за Игор ќе биде претставен на неговиот роденден

На 19 септември, на денот кога ќе се навршат 55 години од неговото раѓање, ќе биде промовирана книгата што го собира севкупното поетско творештво на Игор – обемно издание од 700 страници што останува како траен книжевен паметник за еден од највозбудливите и најбескомпромисни гласови на современата македонска поезија.

Настанот ќе се одржи како неформална дружба во негова чест, место за сеќавање, споделување и препрочитување.

„Препрочитувањето на поезијата на Игор за мене беше еден долготраен, мачен, но истовремено просветлувачки процес, едно искуство што го менува човекот. Читањето на овој корпус стихови – мрачни, љубовни, еротски, сурови, бунтовни, смирувачки – беше длабоко медитативно соочување со она што за Игор значеше поезија: ‘чувствено продирање низ суштината’“, сведочи Елизабета Баковска.

Критичарката Елизабета Шелева додава дека секогаш е тешко кога за исклучителен поет и близок човек одеднаш мора да се говори во минато време: „Премногу живот, премногу стихови, премногу музики останаа несподелени. Но токму затоа оваа книга е и завет – сведоштво за силата на неговото творештво и за неговото место во нашата литература.“

Книгата претставува не само кулминација на едно творечко дело, туку и жива покана повторно да се открива поезијата на Игор – таму каде што тој ја гледаше: во животот, во љубовта, во смртта и во самиот чин на пишувањето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни