Веќе подолго време има шпекулации за плановите на владата на Индија да го укине официјално англиско име на земјата, а тоа дополнително беше засилено со поканите за самитот на Г-20, каде што државата беше именувана како Бхарат.
Владата на премиерот Нарендра Моди работи на отстранување на долготрајните симболи на британското владеење од урбаниот пејзаж, политичките институции и историските книги на Индија, но ова може да биде најголемиот потег досега.
Индија е домаќин на самитот на Г20 овој викенд, а светските лидери добија покана за државна вечера организирана од „претседателот на Бхарат“.
Самиот Моди обично Индија ја имаенува како Бхарат, збор што датира од древните хинду списи напишани на санскрит и едно од двете официјални имиња за земјата според нејзиниот устав.
Членовите на неговата хинду националистичка владејачка партија, партијата Бхаратија Џаната (БЈП), претходно водеа кампања против користењето на името Индија, кое влече корени од западната антика и беше наметнато за време на британското освојување.

Владата свика специјална седница на парламентот кон крајот на месецов, но останува цврсто затворена во врска со својата законодавна агенда. Телевизијата News18 објави дека неименувани владини извори ѝ кажале дека пратениците на БЈП ќе поднесат специјална резолуција за да му дадат предност на име Бхарат.
Гласините за планот беа дочекани со мешавина на противење и ентузијастичка поддршка.
Шаши Тарур, од опозициската Конгресна партија, рече на X: „Се надевам дека владата нема да биде толку глупава целосно да се откаже од ’Индија’. Треба да продолжиме да ги користиме двата збора, наместо да се откажеме од име кое отсликува од историјата, име кое е признаено низ целиот свет“.
Поранешниот крикет играч Вирендер Сехваг рече дека ја поздравува можноста за промена на името и побара од индиската крикет федерација да почне да го користи Бхарат на тимските униформи. Тој напиша: „Индија е име дадено од Британците (и) одамна требаше да го вратиме нашето првобитно име ‘Бхарат’“.

Со децении, индиските влади од различни политички провиненции се обидуваа да ги бришат трагите од британската колонијална ера со преименување на патишта, па дури и цели градови. Процесот се интензивираше под владата предводена од Моди, кој во јавните говори ја истакна потребата Индија да ги напушти трагите на „колонијалниот начин на размислување“.
Неговата администрација ја реновира парламентарната област во главниот град Њу Делхи, која првично беше дизајнирана од Британците, за да ги замени структурите од колонијалната ера.
Минатиот месец, владата ги претстави плановите за сеопфатна ревизија на кривичниот законик на Индија за да се отстранат референците на британската монархија и она што министерот за внатрешни работи, Амит Шах, го опиша како „други знаци на нашето ропство“.
Владата на Моди, исто така, ги отстрани исламските имиња на места наметнати за време на империјата на Могал што му претходеше на британското владеење, потег што критичарите велат дека е симбол на желбата да се потврди превласта на мнозинската хинду религија во Индија.
Извор: The Guardian