Поезија. Потполна слобода на духот, или затвор за умот? На моменти мемлива како бајат леб, па одеднаш нагло свежа и полетна, застрашувачки пред своето време. Секогаш и секому на дофат, а ретко кој успева да дофати. Доблесна, напредна, хумана… или потполно површна, лажна и сосем непотребна. Всушност секогаш зависи од тоа кој ја пишува, или чита. Човечкиот фактор е сеуште пресуден.
Како ја користиме поезијата деновиве? Воглавно ја користиме банално. Професорите ги тераат учениците да учат бесмислени песнички на памет. Салонските интелектуалци и широките народни маси безумно ги идеализираат мртвите поети. Неталентираните литерати шкрабаат стихови за големината на талентираните мртовци и се разбира за недопирливата љубов кон татковината. Знаете она, кога не можете да склопите два пристојни стиха, па се криете зад МАКЕДОНИЈА, напишана со големи букви за да не ви се видат ушите и се разбира врескате наоколу по предавници. Хорор. Денес ситуацијата со поезијата е толку испревртена, што чисто левичарски револуционерни ликови како Рацин, се безмилосно (зло)употрбувани од десничарската пропаганда. Или тоа само можеби и наш Рацин го нагазило времето. Еве не знам, кажете ми вие што мислите…?
И самиот помалку стихотворец, особено на оние стихови кои се користат во испеаните песни, авторот на овој текст мора отворено да признае дека поезијата е вистински дубиозна замка. Добрата поезија е како ласерски зрак. Може да ти истера очи, но може и никој никогаш да не ја забележи. Просечната поезија многу лесно станува “легендарна“ во средини како нашата. Доволно е да соработувате со властите и да ги нанижете сите награди, патем станувајќи учебнички материјал. Од друга страна пак, ако не сте колаборативно расположени и покрај високиот квалитет кој вашата поезија го поседува, може да бидете комотно истуркани настрана. За жал, има премногу такви примери од 1945-та до денес.
Сепак и покрај задушувачката моќ на медиокритетите, добро пишаниот збор некако успева да најде корисна примена. Добрите зборови во вистински контекст се како лек за сите душевни болести кои го грицкаат нашето секојдневие. Во тој дух, деновиве, ПОЕТРОНИКА успеа да се наметне како вистинско лечилиште за моите неретко мачни пренебрежја околу поезијата како таква.
“Поетроника“ е поетско – музички проект на два извонредно талентирани уметници од нашата средина. Читачкиот (поетски) дел му припаѓа на бардот на современото македонско глумиште, фанатастичниот Оливер Митковски, кој суверено владее со својот длабок, сугестивен, комплетно лишен од патетика вокал. Музичкиот, е дело на еден од водечките современи македонски електронски артисти, младиот и безмерно надарен, Андреја Салпе. Неочекувана, но мошне благодарна комбинација, која ни дава силно модерен и динамичен поглед врз македонскиот поетски пишан збор. Музиката на Андреја Салпе е високо квалитетна современа електронска продукција, со традиционални и џез одеци, која волшебно пронижена со искусниот вокал на Митковски фрла сосем ново светло на некои познати, но и не толку познати стихови од нашето минато и сегашност. Ќе се осмелам да кажам и дека ги елевира на едно ново, неочекувано, но неописливо пријатно ниво и ги прави податни за ново толкување, потенцијално приближувајќи ги до нова, млада публика.
Во низата на девет сјајно склопени музичко – поетски делници, Салпе и Митковски, успеваат да “освежат“ великани од типот на Караманов, Гого Ивановски (еден од “ставените на страна“), Славко Јаневски и Игор Исаковски. “Необичниот живот на Наташа Целакоска“ е опскурна, речиси непозната песна од Горан Петревски (човекот е професор на Економски по Монетарна политика), која токму ради ингениозниот контекст звучи како вистинско мало ремек дело. Здравиот контекст на “Поетроника“ ги прави многу поинтересни авторите како Лукаш, Ќорвезироска и Здравески, кои припаѓаат на поактуелната генерација, а прекрасно успева да блесне и “Осаменост“ на подзаборавената и трагична Радмила Трифуновска.
За секоја софистицирана ушна школка, “Поетроника“ е повеќе од добредојдено вкрстување на музика и поезија. Автентичен и висококвалитетен домашен уметнички продукт, истовремено свеж и издржан на светско ниво, кој наскоро ќе биде и официјално објавен за нашата реномирана дискографска куќа ПМГ Џез. Првата концертна презентација е предвидена за четврток, 9 јуни, на малата сцена на Македонскиот народен театар. Несекојдневен, всушност уникатен концертен настап. Да, отворено и со необична страст и задоволство ве канам да се нацртате во четврток во 21 часот во МНТ, заедно да го проследиме ова класично, а современо македонско парче уметност.