Поединецот vs. Колективот

Македонија по којзнае кој пат е бранувана од истиот тип на етнички тензии. Ваквиот тип на етнички препукувања се одлика на систем, каде што колективните права на жителите на една државава се истакнати пред индивидуалните права на поединецот. На почеток, неопходно е да се праша – како во праксата правата на колективот доминираат врз правата на индивидуата? Еден од најкористените примери е претставен во ситуацијата на конкурс за работа каде поголем одлучувачки фактор за добивање на работата е припадност на одредена заедница пред личните компетенции на апликантот. Освен тоа, во случај кога истакнувањето на културните обележја на одредена заедница излегува од пропорции може не само да поттикне чувство на инфериорност кај другите заедници, туку исто така може и да оневозможи градење на кохезија помеѓу самите заедници. Базирањето на државниот систем врз основа на колективни права вкоренува антагонизам помеѓу групите, кој инхерентно го спречува одржливото градење на општеството. Од сегашна гледна точка, комплетното трансформирање на македонскиот начин на функционирање изгледа како можеби предалечна цел. Сепак, политичкото и општественото дејствување треба полека да се насочува кон напуштање на колективниот начин на размислување и истовремено преобразување на системот, со што збирот на индивидуални права, слободи и одговорности ќе бидат детерминирачката карактеристика на системот.

Рамковниот Договор

Најпрвин, битно е да се каже дека унапредувањето на колективните права во Македонија, од независноста па се до блиското минато, не е дека не било неопходно. Рамковниот договор (РД) беше одличен инструмент во тоа време за да ги избалансира правата меѓу заедниците. Со неговото имплементирање, принципот на колективни права беше воспоставен како доминантен, овозможувајќи му на македонското општество да се погледне во огледало и да ги адресира нееднаквостите помеѓу различните етникуми. Меѓутоа, иако една од двете цели на РД успешно беше исполнета, да ги смири етничките тензии, другата цел, да ги надмине етничките тензии, после 23 години од неговото потпишување никогаш не изгледала блиску до остварување. Спротивното е дури точно, имено македонското општество повремено, вообичаено пред избори, е бранувано од нови струи на етнички поделби, кои ги рефлектираат дискусиите од времето на потпишувањето на договорот.

Зрелоста на Македонија

Поттикнувањето на етнички поделби е вкоренето во поставеноста на системот, особено во правниот поредок. Додека сме свесни за како преку РД се обезбедија права кои најголемата малцинска заедница не ги уживала пред тоа, исто така сме свесни дека после 20 години општеството ги има унапредено тие права до респектабилен степен и според научната литература на темата и во очите на меѓународната заедница. Местото на малцинствата е јасно видливо во државното уредување на Македонија и македонското општество е едно од општествата со најразвиена интеграција на малцинствата. Претседателот на Советот на Европската Унија, Шарл Мишел, во 2022 дава изјава во која го истакнува „импресивниот trackrecord (досегашни резултати)“ на државата во однос на почитување на малцинските права, истовремено потенцирајќи дека републиката е пример за како една мултиетничка држава може да напредува. Во таа насока, кога еден од најпроминентните научници на темата, Вил Кумлика, го развива аргументот зошто државите не треба да практикуваат политика на занемарување (‚benign neglect‘) спрема малцинствата (Kymlicka, 2003: 108), главните аргументи му се темелат врз унапредување на јазичните права и учество на малцинствата во управувањето на државата (Кymlicka, 2003: 111). Земајќи го ова во предвид, откако ќе се разгледа македонското општество, заедно со државниот апарат, без поголеми потешкотии ќе може да се заклучи дека државата има достигнато едно завидно ниво во унапредување на колективните права. Ставовите на високи функционери од меѓународната заедница на темата дополнително го потврдуваат направеното во изминатите дваесетина години. Во време на зголемена човечка мобилност, што патем тек сега отвара ваков тип на дискусии во земјите низ Европа, Македонија се наоѓа во позиција каде што на еден или друг начин како држава веќе го има поминато тој процес на унапредување на малцински права, правејќи ја зрела за отпочнување на новата фаза на обединување на диверзитетното општество. Тоа не значи дека групите би морале да се откажат од својот групен идентитет или да се претопат една во друга. Напротив, културното шаренило е уникатна предност што секое општество може и треба да го искористи најдобро што може.

Како?

Ова го повлекува прашањето: Како да се стигне до крајната цел – држава базирана предоминантно на индивидуални права? Покрај низа други патеки, потребно е двата процеси на отфрлање на стариот и промовирање на новиот систем да се одвиваат паралелно. Двата процеси се зајакнуваат меѓусебно и не е доволно да се развиваат еден по друг. Оставањето на етничките тензии во минатото бара само по себе двете најголеми етнички групи да се најдат на пола пат. Македонската страна неопходно е да прифати, дека албанското малцинство не уживало еднакви права за време и по распадот на Југославија, додека албанската страна треба да прифати дека малцинските права можеа да бидат достигнати и без воени дејствија. Во македонското општество недоволно е потенцирана пријателската улога што Македонија ја зема во нудење засолниште на околу 360.000 бегалци од Косово како последица на војните северно од нас во деведесеттите. Тој факт изгледа дека има најголем потенцијал за придонесување кон успешното закопување на етничките тензии.

Современите Предизвици

Моменталниот систем не е опремен и не може да произведе солидарност меѓу групите. Се додека системот поттикнува и репродуцира етнички тензии, групите тешко ќе може да најдат заеднички јазик. Времињата што следат ќе ја тестираат се повеќе функционалноста и кохезијата на системот, а за да се илустрира тоа, доволно е да се земат за пример проблемите со еколошката средина, зголемените бројки на иселеници, па и борбата со корупција. Еколошките предизвици бараат широка соработка од сите засегнати страни, а решение за мултидимензионален проблем, како загаден воздух, не може да се постигне без волјата на групите да ги сносат потребните, а веројатно и непропорционалните, трошоци. Поттикнувањето на регионален развој во еден, но не и во друг регион, поради зголемена мобилност и емиграциски трендови од тој даден регион, како и справувањето со зголемените технолошки предизвици, се уште некои од областите кои исто така бараат широка и екстензивна соработка меѓу групите. За овие и други проблеми потребно ќе биде да се изградат одржливи и заемни позиции, кои нема да можат да се постигнат без довербата дека при одредено несогласување нема да се воспостави повторно комуникација низ призмата на етничка поделеност. Граѓанскиот модел на уредување е по природа посоодветен за справување со проблемите на денешницата, главно поради градењето и негувањето на културата на консензус. Додека, во систем базиран на колективни права групите се толерираат една со друга, држава која претпочита индивидуални права има поодржлива перспектива за иднината. За крај, успехот на трансформацијата на системот изгледа дека ќе зависи подеднакво од способноста на двете страни да се најдат на пола пат, како и од умешноста на политичарите да ги промовираат придобивките од новиот начин на уредување.

Авторот е политиколог и истражувач

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни