Светскиот ден на бубрегот, се одбележа под слоганот „Дали ви се добро бубрезите? Откријте ја болеста рано – заштитете го вашето здравје!“, а проценките покажуваат дека секој десетти човек има некаква бубрежна болест и дека многумина не се ни свесни за тоа.
Доцното откривање на развојот на болеста може да доведе не само до високи трошоци за лекување, туку и до многу полош квалитет на живот на заболените, а според последните проценки, во Македонија 1 од 10 возрасни или околу 200.000 граѓани имаат некоја форма на бубрежно заболување. Оваа информација ја објави Здружението „Нефрон“ по повод Светскиот ден на бубрегот.
Како да ги препознаете симптомите на бубрежно заболување
„Тие се асимптоматски. Она што секој од нас може да го забележи е промена на бојата на урината, ако е црвеникава, пена при мокрење… Сепак, најдобар начин е превенцијата. Овој ден на бубрезите е посветен и на превенција од болести на бубрезите и рано препознавање. Најдоброто нешто е граѓаните да земаат урина и крв на анализа еднаш на секои шест месеци“, посочуваат нефролозите.
Како што наведуваат лекарите, на овој начин се дијагностицираат навремени промени и болести на нашите бубрези.
На што можеме да влијаеме и што можеме да направиме за да ги спречиме проблемите со бубрезите?
„Препораката да се пие по два литра вода дневно не е мит, тоа е вистина. Треба да се пие два или повеќе литри вода, а во лето дури три и пол литри, односно по една чаша на час. Мора да се пие повеќе вода, затоа што урината така се разредува и нема да може да дојде до формирање на камења“.
Податоците покажуваат дека речиси секој десетти човек во Македонија боледува од некоја форма на бубрежно заболување. Има голем број луѓе кај кои болеста не покажала никакви симптоми, односно, има луѓе кои првите знаци на болеста ги поврзуваат со побурното темпо на живот на кое сме изложени.
Инаку статистиките покажуваат дека околу 850 милиони луѓе во светот страдаат од некаква бубрежна инсуфициенција.