Британско-аргентинската глумица Оливија Хаси почина во 74. година, објавено е на нејзиниот официјален Инстаграм профил. Се наведува дека глумицата починала во петок, опкружена со нејзиното семејство. Хаси е најпозната по улогата на Јулија во филмот „Ромео и Јулија“ од 1968 година.
Таа е родена во Буенос Ајрес на 17 април 1951 година, а имала 15 години кога таа и Леонард Вајтинг глумеле во филмот „Ромео и Јулија“, кој освои два Оскара – за костимографијата и најдобрата фотографија.
Хаси исто така глумила и во хорор филмот од 1974 година „Црн Божиќ“ и филмот „Смрт на Нил“ од 1978 година, кој е направен по криминалниот роман на Агата Кристи.
Хаси и Леонард Вајтинг поднесоа тужба против компанијата „Парамоунт Пикчерс“ во 2023 година, барајќи надоместок од повеќе од 500 милиони долари поради сцена во филмот „Ромео и Јулија“, која ја снимале како тинејџери. Во тужбата се наведува дека во тој филм биле наводно сексуално злоставувани, сексуално узнемирувани и измамени поради сцени во кои биле без облека.
Тужбата беше одбиена по неколку месеци.