На 83-годишна возраст почина актерот Марк Марголис кој го глумеше негативецот Хектор Саламанка во сериите Breaking Bad и Better Call Saul. Тој починал во болницата Маунт Синај во Њујорк по кратко боледување.
Освен по Хектор Саламанка, Марголис беше познат и како професорот Сол Робесон во филмот Pi од 1998 година режиран од Дарен Аронофски. Освен во Pi, Марголис се појави и во следните пет филмови на овој режисер: како момчето кое постојано и го продава телевизорот на г-ѓа Голдфарб (Елен Бурстин) во Requiem for a Dream (2000); како свештеник во The Fountain (2006); како сопственик на станот на на Ренди „Овен“ Робинсон (Мики Рурк) во The Wrestler (2008); како балетски покровител во Black Swan (2010); и како „паднат ангел“ во Noah (2014).
На прашањето на „Холивуд репортер“ во едно интервју од 2012 година зошто Аронофски постојано го вработува, Марголис се пошегува: „Тој мисли дека има обврска! Почнав со него на неговиот прв филм, Pi од 60.000 долари, кога тој беше непознат. Го бркав три месеци затоа што постојано ме лажеше кога ќе ги добијам парите. Конечно се заканив дека ќе ѝ се јавам на мајка му, која исто така работеше на филмот. Потоа конечно ми плати“.
Марголис, кој не зборуваше шпански, го имаше своето прво појавување како „Тио“ Саламанка во Breaking Bad на Винс Гилиган во март 2009 година во втората епизода од втората сезона на драмата на AMC. Некогаш насилник на мексиканскиот криминален бос Дон Еладио (Стивен Бауер), неговиот лик е парализиран и може да комуницира само користејќи изрази на лицето и ѕвонче закачено на неговата инвалидска количка. Во спектакуларното финале на четвртата сезона, „Face Off“, кое се емитуваше во октомври 2011 година, Саламанка му се одмаздува на дилерот Гас Фринг (Џанкарло Еспосито) како дел од самоубиствената мисија, за што доби номинација за Еми за извонредна споредна улога во драмска серија во 2012 година.
Тој потоа се појави и во приквелот на Breaking Bad, Better Call Saul, каде што го играше Саламанка како помлад лик, пред да стане инвалид.
Марголис е роден во еврејска фамилија во Филаделфија на 26 ноември 1939 година, неговата мајка била декораторка која изработувала тапети и цртала, додека неговиот татко бил работник во фабрика. Со глума започнал да се занимава на 14 години.