Почина гитаристот и еден од основачите на „Kiss“ – Ејс Фрејли
Легендарниот гитарист Ејс Фрејли, еден од основачите на американската рок група „Kiss“, почина на 74-годишна возраст од последици на пад во своето студио, соопшти неговото семејство.
Според информациите, Фрејли паднал пред неколку недели, но неговата состојба се влошила и вчера бил хоспитализиран, каде што починал од крвавење во мозокот.
Роден како Пол Даниел Фрејли, тој беше познат на сцената по својот сценски лик „Спејсмен“ (Spaceman), кој го создаде во 1973 година, кога заедно со Пол Стенли, Џин Симонс и Питер Крис го основа легендарниот бенд „Kiss“.
Во заедничко соопштение, Симонс и Стенли изразија почит кон својот поранешен колега:
„Фрејли беше суштински и незаменлив рок-војник во најважните поглавја од историјата на ‘Kiss’. Тој засекогаш ќе остане дел од нашето наследство.“
Фрејли беше член на групата од 1973 до 1982 година, а повторно ѝ се приклучи во 1996, останувајќи до 2002 година. Познат беше по своите спектакуларни настапи со гитара која испушташе чад и по својата препознатлива енергија на сцената.
Во двата периода со „Kiss“, тој сними десет студиски албуми, а лани го објави и својот осми соло албум.
Бендот „Kiss“ е меѓу најуспешните рок групи на сите времиња, со продадени над 100 милиони албуми ширум светот. Фрејли во 2014 година беше примен во Рокенрол куќата на славните како еден од основачите на групата.