Почина Д’Анџело, пионерот на нео-соул музиката и изведувачот на „Untitled (How Does It Feel)“ – на 51 година

Легендарниот R&B пејач и еден од највлијателните творци на нео-соул музиката, Д’Анџело, почина на 51-годишна возраст по долга и храбра битка со рак, потврди неговото семејство во изјава за Variety.

„Сјајната ѕвезда на нашето семејство го згасна своето светло во овој живот… По продолжена и храбра борба со болеста, со длабока тага објавуваме дека Мајкл Д’Анџело Арчер, познат на своите обожаватели ширум светот како Д’Анџело, денес, на 14 октомври 2025 година, го напушти овој свет. Благодарни сме за наследството на извонредната и длабоко емотивна музика што ни ја остави“, стои во семејното соопштение.

Лик што ја обликуваше музиката на едно поколение

Д’Анџело, роден како Мајкл Јуџин Арчер во Ричмонд, Вирџинија, почна да свири пијано уште на тригодишна возраст и рано се поврза со музиката преку црквата на неговиот татко, пентекостален свештеник. Во младоста настапувал со неколку локални групи пред да го потпише првиот договор со EMI Records во 1993 година, кога го напиша хитот „U Will Know“ за колективот Black Men United.

Неговиот дебитантски албум „Brown Sugar“ (1995) го дефинираше звукот на новата ера во R&B, комбинирајќи класични соул елементи со хип-хоп влијанија, и остана на Billboard 200 повеќе од една година. Албумот вклучува хитови како „Lady“, „Cruisin’“ и насловната песна „Brown Sugar“.

Со следниот албум, „Voodoo“ (2000), Д’Анџело го достигна врвот на својата уметничка експресија. Проектот, снимен во легендарното студио Electric Lady во Њујорк, стана темел на нео-соул движењето, создаден во соработка со групата музичари позната како Soulquarians, меѓу кои беа Questlove, J Dilla, James Poyser и Roy Hargrove. Албумот му донесе четири Греми награди и трајно место во историјата на современиот R&B.

Гениј кој се повлече од сцената

Иако видеото за неговата песна „Untitled (How Does It Feel)” го претвори во секс-симбол, Д’Анџело не се чувствуваше удобно со таквиот имиџ и по турнејата за „Voodoo“ се повлече од јавноста на речиси една деценија. Во тој период се бореше со лични проблеми и зависност, но никогаш не ја напушти својата страст за музика.

Неговиот камбек се случи со „Black Messiah“ (2014) – албум што речиси 15 години го подготвуваше, повторно во соработка со Questlove и The Vanguard. Со овој проект, Д’Анџело го потврди статусот на визиониер и перфекционист, а неговиот концерт во Apollo Theater во Харлем беше опишан како триумфално враќање.

Наследство и влијание

Д’Анџело беше познат како повлечен, но длабоко посветен уметник, кој ја променил музиката со својата автентичност и соул енергија. Во последните години ретко се појавуваше во јавност, но се појави во документарниот филм на Questlove, „Sly Lives!“, каде зборуваше за тежината на генијот и одговорноста на црните уметници во светот што често не им простува успех.

„Тој зборуваше и за себе, за чувството на вина што доаѓа со тоа да си избраниот, кога не си го барал тоа,“ рече Questlove во изјава годинава.

Со својата уникатна комбинација на џез, фанк, соул и хип-хоп, Д’Анџело останува еден од највлијателните музичари на својата генерација – човек кој ја врати духовната длабочина на R&B музиката и создаде звук што и денес инспирира.

Извор: Variety

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни