Но, конзерваторите предупредуваат дека ваквите животни претставуваат сериозен ризик: нивното размножување со дивите волци, особено во Европа, може да ја загрози генетската чистота на видовите.
Од „љубов на прв поглед“ до предизвик
Италијанецот Алесио Камата првиот пат се сретнал со оваа раса во 2006 година, кога по смртта на својот германски овчар барал поиздржливо милениче. Брзо купил женка од расата чехословачки волчјак по цена од 800 евра. Денес, Камата има пет кучиња и признава: „Луѓе, не правете го ова дома.“
Чехословачките волчјаци биле одгледани како воени кучиња за чехословачката армија, а содржат ДНК од германски овчар и евразиски волк. Денес тие се само една од многуте хибридни раси што се нудат како миленичиња. Со тежина споредлива со дански дог и со карактер кој понекогаш е повеќе волчји отколку кучешки, овие животни можат да бидат многу барани, па дури и опасни.
Растечки бизнис и TikTok популарност
Побарувачката е во пораст низ цела Европа. На социјалните мрежи и популарни серии како Game of Thrones, во кои волчјаците беа прикажани преку волк-куче хибриди, ја зголемија нивната привлечност. Во Италија, цената на едно кученце достигнува и до 2.000 евра, а според проценки, денес се продаваат повеќе од илјада годишно.
Закана за дивите волци
Сепак, експертите предупредуваат дека мешањето со дивите волци претставува сериозен еколошки проблем. Валерија Салватори, експерт за хибридизација на волци во Институтот за применета екологија во Рим, вели:
„Ако тоа се случуваше природно, ќе беше дел од еволуцијата. Но денес, како и глобалното затоплување, процесот е забрзан поради нашето намерно или ненамерно влијание.“
Некои студии во Италија укажуваат дека од 50 до 70 проценти од единките во одредени региони се хибриди. Ова претставува закана за природното наследство на европскиот сив волк, кој во Словенија и денес е класифициран како загрозен.
Неправилно одгледување и црн пазар
Иако италијанските закони бараат секое легло да биде регистрирано и генетски документирано, нелегалната трговија останува голем проблем. Во повеќе акции, властите откриле стотици нелегално одгледани хибриди, вклучувајќи животни со речиси 100% волчја ДНК.
Северна Америка – илјадници хибриди
Во Северна Америка ситуацијата е уште посериозна. Според Yamnuska Wolfdog Sanctuary во Канада, на континентот живеат десетици илјади волк-куче хибриди – далеку повеќе од бројот на диви волци. Иако во некои држави е забрането нивното одгледување, федерални закони што целосно би го регулирале прашањето сè уште не постојат.
„Фактот дека можете да купите волк-куче без никакви дозволи е навистина шокантен“, вели Аликс Харис од засолништето во Алберта.
Голем ризик за сопствениците
Иако хибридите често се опишуваат како плашливи и срамежливи, нивната волчја природа ги прави тешки за припитомување. Многу сопственици не се подготвени за нивните потреби од простор, социјализација и контрола.
„Два до три пати неделно добиваме повици од луѓе кои сакаат да се ослободат од своите животни“, објаснува Мајк Гарде од засолништето Mission:Wolf во Колорадо.
Иако нападите врз луѓе се ретки, од 1978 до 2023 година во САД биле регистрирани повеќе од 20 смртни случаи од волк-куче хибриди. Во Европа, исто така, секоја година се пријавуваат изолирани инциденти.
Отворено прашање: што е волк, а што куче?
Со растечкиот број на хибриди, сè потешко е да се постави јасна граница меѓу куче и волк. Ова предизвикува и правни и еколошки дилеми – дали хибридите се домашни миленичиња или диви животни кои ја нарушуваат рамнотежата во природата?
Извор: National Geographic