Стартува „ПМГ Рекордингс Фестивал 14“ – три вечери посветени на нов звук и поезија

Од 16 до 18 октомври, љубителите на новиот звук ќе имаат ретка можност да уживаат во спојот на електроника, поп, поезија и трап на „ПМГ Рекордингс Фестивал 14“. Фестивалот ќе се одржи на две локации – „Јавна Соба“ и Македонскиот народен театар – и ќе донесе уникатна програма со изведувачи кои ја обликуваат современата регионална музичка сцена.

Фестивалот започнува утревечер, 16 октомври, во 21:00 часот во „Јавна Соба“ со концерт на Александар Велики, кој ќе го отвори настанот со енергичен настап исполнет со интелигентна мелодичност и танцова атмосфера. Истата вечер ќе настапат и Donplaya & Prince$$ Donatsu, влијателното трап-дуо од Битола кое го спојува рапот, уметноста и комедијата во оригинален и препознатлив израз. Влезот за оваа вечер е бесплатен.

Втората фестивалска вечер, на 17 октомври, ќе се одржи на малата сцена во МНТ со почеток во 20:00 часот и ќе ја истражи врската меѓу електронската музика и поезијата. L.O.V.D ќе ја претстави својата авторска продукција во живо, а проектот Поетроника на Оливер Митковски и Андреја Салпе ќе понуди уникатен поетско-звучен перформанс што ја спојува македонската поезија со електронскиот звук. Вечерта ќе ја заокружи Blackstate, со моќен настап кој комбинира синт-поп, експериментална електроника и хардкор-панк естетика.
🎟️ Билети: mnt.mk

Финалето на фестивалот следува на 18 октомври повторно во „Јавна Соба“, со настап на MANGROOVE – еден од најреномираните поп-состави во регионот, кои за првпат ќе се претстават пред македонската публика. Концертот ќе биде кулминација исполнета со свежина, енергија и емоции. Вечерта ќе ја отвори Марија Каева со својот електро-поп настап и песни од албумот „Фортуна“.
🎟️ Билети: bileti.drugastrana.mk

„ПМГ Рекордингс Фестивал“ го основа Мирко Попов во 2008 година, а во изминатите 13 изданија фестивалот прерасна во една од најзначајните платформи за промоција на новата и квалитетна музичка продукција во земјата. Подготовките за 14-то издание започнаа во 2023 година, а годинашната програма е посветена на роденденот на фестивалот и на уметниците кои ја дефинираат современата сцена.

Фестивалот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам, во организација на здружението „Крај Вардарот“, а партнери се Јавна Соба и Македонски народен театар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни